вторник, октомври 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од Нова Градишка до Крушево, македонските ултрамаратонци ќе трчаат во чест на...

Од Нова Градишка до Крушево, македонските ултрамаратонци ќе трчаат во чест на Тоше Проевски

28

Четиринаесетмина маратонци и двајца професионални возачи во понеделникот тргнаа на пат кон Хрватска, каде што утре, на 14 октомври, ќе го почнат 19. по ред традиционален ултрамаратон Нова Градишка – Крушево, во чест на Тоше Проески.

Овој ултрамаратон е многу повеќе од трчање. Тој е симбол на пријателството, хуманоста, почитта и на љубовта што ги поврзува луѓето и народите. Првпат организацијата ја презема Здружението на граѓани „Игри без граници“, заедно со Фамилијата Проески.

– Како новоформирано здружение, со огромна чест и одговорност ја продолжуваме традицијата што со години ги поврзува народите преку ликот и делото на Тоше – велат од Здружението.

Денеска ултрамаратонците ја посетија црквата „Света Злата Мегленска“, а потоа беа примени и од амбасадорот на Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и од парохискиот свештеник на МПЦ во Хрватска, протојереј ставрофор Кирко Велински. Притоа амбасадорот Ѓурчевски им посака топло добредојде со порака дека „Тоше беше и остана мост меѓу нас“.

Утре, Нова Градишка ќе му оддаде почит на Тоше Проески со меморијална програма посветена на него. Ова е почит кон музичарот чии песни, емоции и човечност сè уште живеат во срцата на бројни обожаватели денес. Потоа македонските ултрамаратонци, меѓу кои се и гевгеличаните Влатко Семенаков, Даниел Анчев и Марјан Туртуров, ќе го почнат својот маратон на љубовта. Во вечерните часови на 15 октомври, се очекува нивно пристигнување на плоштадот во Скопје, по што ќе следува продолжување кон Детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче и потоа кон Крушево, каде што ќе пристигнат на 16 октомври, околу пладне.

Тоше Проески го загуби својот живот во тешка сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, кај Нова Градишка. Живи останаа, но со повреди, возачот на возилото и менаџерката на Тоше, Љиљана Петровиќ. (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ