Денеска започнува примената на новиот систем ЕЕС, што значително ќе го промени начинот на преминување на границите кон Шенген-зоната. Патниците ќе мора да поминат низ дополнителни проверки, вклучително и биометриска идентификација, што ќе го продолжи времето на чекање. Особено погодени ќе бидат граѓаните што ќе патуваат во текот на велигденските празници кон Грција, каде што се очекува зголемен метеж. Иако Европската комисија најави можност за привремена суспензија на системот при голем метеж, надлежните апелираат за трпение и подготвеност за новите процедури

Сите граѓани што планираат да патуваат надвор од границите на нашата земја, од денеска ќе се соочуваат со значајни промени на граничните премини. Во полн обем започна да функционира новиот систем ЕЕС (EES Entry/Exit), што носи нови правила за престој во Шенген-зоната. Со оглед на тоа што Велики петок оваа година паѓа во ист ден со воведувањето на овој режим, патниците што ќе патуваат во Грција за да го искористат четиридневниот продолжен викенд поради велигденските празници, ги очекуваат построги процедури за регистрација.
Освен со Грција, ЕЕС-системот ќе се применува и во: Австрија, Франција, Литванија, Словачка, Белгија, Германија, Луксембург, Словенија, Бугарија, Малта, Шпанија, Хрватска, Унгарија, Холандија, Шведска, Чешка, Исланд, Норвешка, Швајцарија, Данска, Италија, Полска, Естонија, Латвија, Португалија, Финска, Лихтенштајн и Романија. Каде и да преминува граница, без разлика дали станува збор за авион, автомобил, автобус или воз, ќе мора патникот да биде регистриран.
Она што е важно да се каже е дека патниците, пред сè, треба да бидат трпеливи и со „челични нерви“, да знаат дека таа процедура трае извесно време и дека сигурно ќе предизвика чекања на граничните премини.
Иако се воведува строга контрола, сепак, од ЕК најавија дека ќе постои „сигурносен вентил“ во случај на целосен колапс на границите. Имено, поради притисокот од туристичката индустрија, ЕК им овозможи на земјите членки привремено да го суспендираат системот доколку стане метежот неподнослив. ЕК ја донесе одлуката за суспензија на системот поради бројните жалби од туристичката индустрија и очекувањата дека тоа ќе предизвика огромен метеж во земјите членки на ЕУ што претежно се занимаваат и живеат од туризмот. Тоа значи дека без разлика на сеопфатната примена, од денеска граничната служба на секоја земја од Шенген-зоната ќе може самостојно да носи одлука во одредени периоди кога има голем метеж, да го суспендира системот EES на одредено време.
Патниците треба да знаат дека едно регистрирање не значи засекогаш завршена работа, затоа што при секое влегување во Шенген на патникот ќе му се проверува идентитетот, затоа што системот е така направен да мора да го препознае лицето. А за препознавање е потребна двојна верификација: со пасошот и едно фотографирање и со отпечатоците од прсти.
(С. Бл.)












