Поранешниот американски претседател Барак Обама предупреди дека вештачката интелигенција може да биде опасна доколку со неа не се управува соодветно и ги повика демократите да ги обликуваат политиките и стратегиите за нејзино регулирање, објави во неделата весникот „Њујорк тајмс“. Сè поголем број американски законодавци бараат построги правила за вештачката интелигенција, по предупредувањето од компанијата „Антропик“ (Anthropic) дека нејзиниот брз развој носи ризик од изумирање на човештвото.
„Тоа е нешто што се развива многу брзо во приватни раце и, доколку не преземеме контрола врз тоа, сметам дека може да биде опасно“, изјави Обама, според наводите на „Њујорк тајмс“.
Весникот објави дека тој го повикал лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, да помогне во обликувањето на јавната дебата за политиката за вештачка интелигенција доколку демократите ја вратат контролата врз Претставничкиот дом на среднорочните избори.
Тој, исто така, ги повика кандидатите за претседателските избори во 2028 година да ја вклучат вештачката интелигенција како клучен дел од своите платформи, придружена со многу јасен план за справување со безбедносните и економските прашања поврзани со оваа технологија, пренесува весникот.
Загриженоста во врска со можното изумирање е поттикната од случаи во кои вештачката интелигенција почнала да дејствува неконтролирано и да хакира надворешни системи.
Во саботата, извршниот директор на „Антропик“ (Anthropic), Дарио Амодеи, ги повика компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција да го забават темпото на проширување на можностите на моделите поради сè поголемите стравувања од злоупотреба на оваа технологија – став што го делат и извршниот директор на „ОпенАИ“ (OpenAI), Сем Алтман, како и Илон Маск, кој е на чело на „xAI“.












