Концерт каков што балканскиот Ерусалим од поодамна нема доживеано!
„Рајско место, а езерото е како море. Луѓето живеат за песна и за музика. Ќе го паметам овој концерт. Сите се радувавме. И пеевме заедно. Уникатната акустика, отворената сцена и историскиот амбиент создадоа услови за концерт на кој доживеав посебна емоционална димензија, па им дозволив на емоциите да течат“, вели Никола
Охридскиот Антички театар ќе ја памети таа августовска ноќ. Концертот (во организација на „Балкан медија“) на естрадниот феномен, попознат како Никола Роквиќ, кој пред преполниот театарски простор, речиси три часа пееше на силно задоволство на присутните. Публиката имаше можност да ги слушне најдобрите композиции од неговиот опус, изведени во продукциски и сценски формат, соодветен на локацијата и карактерот на настанот. Уникатната акустика, отворената сцена и историскиот амбиент создадоа услови за концерт со посебна емоционална димензија, каде што секоја нота и секој стих добија длабоко значење. Тоа беше вечер со силен уметнички печат.
Неговите песни, а кои луѓето ги сакаат и ги пеат со него како еден добро извежбан хор („И, кога сите ќе ме заборават“, „Мед и слатко грозје“, „Од лудило до лудило“, „Тоа е мојата куќа, живеев тука“, „Прости ѝ на мојата младост“, „Макијато“, „Не сум твој“, „Колку усни бакнував“, „Паднав“…) се препознатливи по емоционалната длабочина и вокалната сигурност. И овој пат, тоа на Никола му донесе верна публика која го следи низ различните фази од неговото естрадно творештво. Концертот на Никола во Охрид не беше само алка во летната концертна програма, беше и летен културен настан, со оглед на тоа дека се случи во Античкиот театар.
Впрочем, овој пејач кој има култура во сценското однесување и сценската комуникација, по концертот, со одбрани емотивни зборови ги сподели своите впечатоци: – Охрид, ти си рајско место. А, твоето езеро е како море. Имав чест да пеам во Античкиот театар кој е изграден 200 години пред новата ера. Волшебно место. Самите Македонци се волшебен народ. Луѓе кои живеат за песна и за музика. Ќе го паметам овој концерт. Сега да се радуваме сите.
Одговорот од страната на неговите македонски обожаватели и самите охриѓани домаќини, е дека такви сме ние, Македонците!
– Секоја чест, Никола, за овој прекрасен концерт, за љубовта што ни ја даваше додека пееше. А, пееше речиси три часа онака како што им доликува на големите пејачки имиња. И пак ќе дојдеме на твојот концерт. Охрид го „скина“, со таков моќен глас, со таквата харизма… беа некои од јавните коментари кои му ги праќаа воодушевените луѓе.
(Д. М.) фото:ФБ












