Две торнада го погодија крајбрежниот град Марсала во западна Сицилија, при што беа повредени десетици луѓе, а на зградите беше нанесена значителна штета. Силното невреме дојде од правец на Средоземното Море, носејќи ветрови доволно силни за да превртуваат автомобили.
Вчера наутро се појавија снимки на кои се гледаат два водени вртлози како се приближуваат кон градот од морето, додека жителите се подготвуваа за ударот, пренесува „Гардијан“.
Terrifying footage of a violent tornado ripping through the city of Marsala in Sicily, Italy earlier this morning. Heavy damage reported in the area. https://t.co/Wg9JNFS9pg
— Nahel Belgherze (@WxNB_) October 9, 2026
Според достапните извештаи, повредени се десетици луѓе; најмалку 11 лица се хоспитализирани поради повреди предизвикани од летечки остатоци и скршено стакло. Меѓу потешко повредените е 70-годишен маж, кој е примен во болница во блискиот град Мазара дел Вало во критична состојба, со повеќекратни скршеници.
Силните ветрови оштетија и едно училиште. Во моментот на ударот во зградата имало 273 ученици, но сите биле безбедно евакуирани. Шест деца се здобиле со полесни исеченици и гребаници. Снимките од дрон го откриваат обемот на штетата на училиштето, прикажувајќи скршени прозорци и превртени училишни клупи и столови.
Video incredibile di Rosalba Pipitone, sempre da Marsala. Questo potrebbe essere il tornado siciliano più intenso da diversi decenni, ci sono auto scaraventate in giro. Seguiranno aggiornamenti https://t.co/9Af9y9w0pY
— Federico Pavan (@PavanFederico00) October 9, 2026
Во последниве години, жителите на јужна Италија се подготвуваат за појава на таканаречените „медикани“ (medicanes) – ретки средоземни бури кои имаат карактеристики слични на ураганите. Ваквите бури можат да генерираат ветрови со брзина поголема од 95 километри на час и да предизвикаат бранови високи и до пет метри. Овој временски систем се формираше поради интензивната топлина над Северна Африка и невообичаено топлото Средоземно Море. Научниците предупредуваат дека порастот на температурата на морето, предизвикан од климатската криза, придонесува за појава на силни бури во регионот.
Експертите истакнуваат дека рекордните температури во Средоземното Море придонеле и за ненадејната бура во август 2024 година. За време на тој настан, суперјахтата „Бејзијан“ (Bayesian) потона во близина на брегот на Сицилија, при што животот го загубија седум лица, меѓу кои и технолошкиот претприемач Мајк Линч и неговата ќерка.











