Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека ѝ наредил на војската да ги игнорира условите на прекинот на огнот што е во сила од октомври и да „преземе контрола“ врз 70 проценти од Појасот Газа, објави денес израелската телевизија.
Прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД, беше постигнат во октомври 2025 година, со што се воспостави демаркацијата на „Жолтата линија“ што остави 53 проценти од Газа под израелска воена контрола.
„Во моментов го имаме Хамас за грлото. Контролиравме 50 проценти од територијата на Појасот Газа, а откако стапи на сила прекинот на огнот се поместивме на 60 проценти, а мојата директива е да одиме на 70 проценти“, рече Нетанјаху.
Прекинот на огнот стапи на сила две години по почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, кога палестинското движење „Хамас“, поддржано од Иран, го нападна Израел.
И покрај номиналниот договор за прекин на огнот, тој се крши секојдневно.
Повеќе од 900 Палестинци се убиени во израелски напади од октомври. Околу 90 проценти од повеќе од два милиони жители на Газа се внатрешно раселени, претежно во големи, лошо опремени шаторски населби каде што канализацијата се прелева, а снабдувањето со храна е несигурно.
Обединетите нации проценуваат дека обновата на физичката инфраструктура на Газа, уништена од војната, ќе чини повеќе од 35 милијарди долари, пренесе „Бета“.












