Екстремниот топлотен бран што ја зафати Унгарија ги натера бројни компании да воведат дополнителни мерки за заштита на работниците. Покрај почестите паузи, разладена вода и климатизирани простории, дел од работодавачите на вработените им делат безалкохолно пиво, лубеници и сладолед.

Како што пренесува унгарскиот весник „Непсава“, на градилиштата и во фабриките сè почесто се користат системи за разладување со фина водена магла и индустриски вентилатори. Во некои погони работниците добиваат десетминутна пауза секој час во климатизирани простории.

Онаму каде што природата на работата го дозволува тоа, дел од вработените работат од дома, додека некои компании подготвиле и планови за прекин на работата доколку температурите станат премногу високи.

Синдикатите, сепак, предупредуваат дека мерките не се спроведуваат подеднакво во сите компании и дека дел од работниците поради организацијата на работата немаат можност да ги користат климатизираните простории за одмор.

И покрај екстремните температури, производството во автомобилската индустрија засега продолжува со полн капацитет, бидејќи компаниите настојуваат да ги исполнат нарачките.

ИЗДВОЕНИ