Студија објавена во научното списание „Frontiers in Cellular and Infection Microbiology“ покажува дека дури 139 земји и региони веќе се изложени на ризик од ширење на чикунгуња, болест што се пренесува преку комарци и може да предизвика висока температура, силна болка во зглобовите и долгорочни здравствени последици, објавува „Euronews“.
Авторите на студијата предупредуваат дека климатските промени значително го менуваат однесувањето и дистрибуцијата на комарците што го пренесуваат вирусот.
„Под влијание на климатските промени, вирусот ќе се прошири кон умерените региони, особено кон централна Европа, североисточна Северна Америка и источна Азија“, рече еден од авторите на студијата, д-р Је Сју.
Досега, болеста главно се поврзуваше со тропските и суптропските региони, а главниот вектор беше комарецот Aedes aegypti, познат како жолт комарец. Сепак, научниците предупредуваат дека во последниве години вирусот успешно се адаптирал и на азискиот тигрест комарец, вид што многу подобро толерира постудени клими и веќе се проширил во големи делови од Европа.
„Со затоплувањето, тигрестиот комарец сега може да се насели во области кои претходно беа премногу ладни за него“, предупреди д-р Јанг Ву.
Истражувачите, исто така, открија дека повисоките температури го забрзуваат развојот на вирусот во самиот комарец. На температури помеѓу 18 и 28 степени, вирусот станува способен за пренос четири до пет пати побрзо, што значително ја зголемува можноста за локални епидемии.
Според моделите засновани на климатски сценарија од Обединетите нации, идните жаришта би можеле да вклучуваат делови од централна Европа, североисточниот дел на САД и Источна Азија.
Иако вирусот сè уште не е трајно присутен во Европа или Северна Америка, во последниве години има зголемен број случаи на инфекција поврзани со патници кои доаѓаат од тропските региони, а здравствените власти предупредуваат дека локалниот пренос наскоро би можел да стане посериозен проблем.
Според Панамериканската здравствена организација, повеќе од половина милион случаи на чикунгуња и 186 смртни случаи се регистрирани во 41 земја низ целиот свет само во 2025 година.
Научниците предупредуваат дека нема потреба за паника, но дека здравствените системи мора да започнат сериозни подготовки пред болеста да стане пораспространета.












