Бројот на граѓани и правни лица кои поднесуваат приговори за сообраќајни прекршоци евидентирани преку системот „Safe City“ бележи значително намалување во март, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Според податоците, во текот на март 2026 година до Судот биле поднесени вкупно 65 приговори, од кои 22 од правни лица и 43 од физички лица. За споредба, во февруари биле поднесени дури 476 приговори, при што доминирале правните лица со 431 приговор, наспроти 45 од граѓани.
Од Судот посочуваат дека веќе се завршуваат предметите по претходно поднесените приговори, па така во текот на март со пресуда биле решени 92 случаи. На овие предмети работат 16 судии од одделот за прекршоци, а сите приговори се процесираат во законскиот рок и се доставуваат до МВР во рок од осум дена за понатамошно постапување.
Во меѓувреме, податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека преку системот „Безбеден град“ во март биле регистрирани вкупно 26.241 сообраќајни прекршоци.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина – дури 25.230 случаи. Регистрирани се и 941 прекршок за управување возило со истечена сообраќајна дозвола.
Значително намалување е забележано кај минувањето на црвено светло, каде се евидентирани 70 прекршоци, што претставува пад од 68,2 проценти во однос на февруари.
Во текот на март биле изречени и 544 мерки забрана за управување со возило, што е намалување од 16,7 проценти во споредба со претходниот месец. Од нив, 70 се за минување на црвено светло, додека 474 се за брзо возење, вклучително и 362 случаи на возење над 80 километри на час во населено место, 70 случаи на надминување на ограничувањето на возилото и 42 случаи на брзина поголема од 170 километри на час надвор од населено место.
Надлежните институции оценуваат дека трендот на намалување на приговорите и дел од прекршоците укажува на зголемена свесност кај возачите и ефект од засилената контрола преку системот „Безбеден град“.












