– Постои силна основа и оправданост за музеј на отворено во водите на Дојранското Езеро, базирана на остатоците од праисториската наколна населба Мрдаја, од доцното бронзено време (1300 – 1150 година пр. н. е.). Овој музеј, поставен во водите на Дојранското Езеро и, делумно, на езерскиот брег, нуди единствена можност за презентација на животот во праисторијата, преку уникатна реконструкција на неколку праисториски објекти, подигнати на дрвени платформи, поврзани со мовчиња, вели м-р Зоран Рујак, археолог, советник кустос од Заводот и музеј, Струмица, долгогодипшен истражувач на праисториската наколна населба Мрдаја – Дојран
Даниела ТРАЈКОВСКА
Во изминатиот период, актуелна е информацијата за реконструкција на уште една наколна населба во државата. По Охрид, овој пат таа би се наоѓала во Дојран. Дали постои добра основа и оправданост за еден ваков музеј на отворено?

Да, постои силна основа и оправданост за музеј на отворено во водите на Дојранското Езеро, базирана на остатоците од праисториската наколна населба Мрдаја, од доцното бронзено време (1300 – 1150 година пр. н. е.). Овој музеј, поставен во водите на Дојранското Езеро и, делумно, на езерскиот брег, нуди единствена можност за презентација на животот во праисторијата, преку уникатна реконструкција на неколкуu праисториски објекти, подигнати на дрвени платформи, поврзани со мовчиња. Од друга страна, специфичните артефакти, кои потекнуваат од богатата материјална култура на населбата, би биле изложени во мала музејска зграда, поставена на езерскиот брег, односно спроти објектите на платформата. Целта е да се презентира праисторискиот живот на луѓето во Дојранското Езеро, како цивилизациски пристап на реконструкција на еден исечок на времето, од пред 3300 години. Односно, доближување на тоа време, преку отворен музеј под небото, а сето тоа, врз основа на сознанијата од археолошките истражувања на локалитетот Мрдаја. Целта е презентација и афирмација на македонската археолошка наука и македонското културно наследство пред домашната и светската јавност. Преку неговата изградба ќе се врши популаризација и промоција на различните видови културен туристички потенцијал (музејски, галериски, археолошки, историски, уметнички).
Незаобиколно е да се спомене и фактот дека овој проект ќе биде исплатлива инвестиција, бидејќи една ваква атрактивна научна и културна претстава, во уште поатрактивен природен амбиент, ќе има силни стопанско-туристички и материјални ефекти. Сѐ заедно, една возбудлива иднина врз основа на светлините од едно далечно минато.
Можете ли да ни кажете за досегашните наоди кои довеле до идеја тие да бидат презентирани пред јавноста на ваков начин и во што би била негова ексклузивност?
Што се однесува до позначајните артефакти досега откриени, овде може да ги споменеме наодите на садова и трпезна керамика, богато декорирана со симболи специфични за доцното бронзено време, меѓу кои посебно се издвојуваат садовите со соларна симболика. Исто така, пронајдени се мноштво алатки од бронза (ножеви, длета, секачи, српови итн.), а како посебен куриозитет овде би ги споменал и наодите на бронзена стрела и бронзена „келт“ секира кои зборуваат за насилниот крај на населбата. Во текот на оваа археолошка кампања беше добиена потврда за претпоставката дека праисториските жители на наколната населба, во Дојранското Езеро, биле и врсни металурзи кои сами си ги изработувале своите алатки. Истражувањата на праисториската населба Мрдаја од 2012 до 2014 година, и повторно, од 2024 до 2025 година, изнедрија многу податоци за нејзиниот плански распоред и начин на градење кој, во многу нешта, се разликува од оној во водите на Охридското Езеро. За разлика од музејот на вода во Заливот на Коските, кој е подигнат на една голема платформа и кој, патем речено, го презентира истиот период, како и нашата населба, музејот на отворено во Дојранското Езеро ќе биде построен на една поголема и две помали платформи, поврзани со еден главен и два помали мовчиња. На брегот ќе биде подигната мала музејска зграда каде што ќе биде изложен богатиот фонд на досега пронајдените артефакти.

Која, според досегашните истражувања, но и според пристапноста за туристите и јавноста, би била најдобрата локација за наколната населба?
Со оглед на тоа што праисториската населба се наоѓа во граничната зона со Република Грција, секој обид за подигање ваков музеј на местото на оргиналната населба е исклучен. Од таа причина, се размислува за друга локација која, согласно со условите и достапноста, би требало да биде во рамките на шеталиштето на Стар Дојран. Многу е важно музејот да биде подигнат во близина на магистралниот пат кој води до границата со Р Грција. Исто така, потребно е да се размислува за лесен пристап до музејот, како и за тоа да има доволно паркинг-простор за возилата на посетителите, вклучително и автобуси. Со Општина Дојран се разгледуваат неколку локации, а конечната одлука ќе се определи кога ќе се изработува Основниот проект и кога ќе се испитаат сите влијанија врз објектите над езерото (ружа на ветрови, силина на бранови, флуктуација на езерото, статички карактеристики на дното на езерото, атмосферски влијанија итн.). Со реализација на проектот, ќе се презентира еден исклучителен археолошки комплекс кој се наоѓа во атрактивен културен предел, на западната ривиера од Дојранското Езеро.
Дали, според Вас, Дојранското Езеро е доволно истражено и дали има потреба за дополнителни проверки на другите делови од крајбрежјето кои можат да дадат нови информации за историјата на ова подрачје?
Дојранското Езеро, сè уште, претставува голема енигма за истражувачите, како за археолозите, така и за биолозите, климатолозите, еколозите итн. Што се однесува до археолошките истражувања, нашите процени се дека Дојранското Езеро крие неколку наколни населби од различни временски периоди. За тоа, впрочем, сведочи и таткото на историјата – Херодот, кој ги споменува слободните Пајони кои подигале слични населби во водите на езерото Прасијада. Ако се работи за времето на Херодот, тоа е некаде околу средината на V век пр. н. е., тогаш може да бидеме сигурни дека најмалку една ваква населба била активна во времето кога Хородот ја пишувал историјата на овој крај. Не се сомневаме дека слични населби биле присутни и порано, уште од периодот на младото камено време –неолитот. Неодамнешните истражувања на Преспанското Езеро изнедрија на виделина остатоци од слична населба од времето на средновековието. Оттука, имаме голема причина да веруваме дека средновековното население, кое живеело крај брегот, подигало слични населби и во водите на Дојранското Езеро.
Како и да е, во годините што следуваат, сигурни сме дека нѐ очекуваат уште многу позитивни изненадувања.
Кои чекори ќе се преземат годинава и во наредниот период за реконструкција на наколната населба?
Оваа година ќе се отпочне со втората фаза на проектот, односно со реализација на Основен проект за изработка на музеј на вода – реконструкција на праисториска наколна населба во водите на Дојранското Езеро. Првата фаза, изработка на Идеен проект за подигање на музеј на вода, беше завршена во 2018 година. По изработката на Основниот проект ќе се отпочне со третата фаза, односно реализација на проектот – изградба на музеј на вода. Покрај Министерството за култура и туризам, како и НУ Завод и музеј, Струмица (кој е носител на проектот), искрено се надеваме дека во овој проект ќе се вклучи и локалната самоуправа на Општина Дојран. Модерената населба Дојран е туристичка дестинација во подем. Сметаме дека ваквата туристичка атракција ќе генерира поголем број туристи и дека ќе даде нов импулс во збогатувањето на богатата туристичка понуда.












