понеделник, јули 6, 2026
Дома БАЛКАН Над 100 приведени на протестите против НАТО во Турција

Над 100 приведени на протестите против НАТО во Турција

0
EPA/GEORGI LICOVSKI

Турските власти вчера приведоа повеќе од 100 лица кои учествуваа на протестот против НАТО организиран од Комунистичката партија на Турција (ТКП) во Турција, пред самитот на сојузниците што е закажан за утре и задутре во Анкара.

Турција ќе биде домаќин на лидери од 32 сојузнички земји, како и на претставници од партнерите на НАТО. Властите ги зајакнаа безбедносните мерки во турската престолнина пред состанокот, забранувајќи протести, блокирајќи големи делови од градот и затворајќи патишта.

ТКП наведе дека организирала демонстрации во центарот на Анкара, додавајќи дека се приведени повеќе од 100 членови на партијата, вклучувајќи и функционери.

Фотографиите на социјалните мрежи прикажуваат демонстранти како мавтаат со знамиња и скандираат слогани како „НАТО, убиецу, излегувај од земјата“, додека полицијата за разбивање демонстрации користела солзавец за да ја растера толпата.

Стотици луѓе маршираа на уште едни демонстрации на ТКП во Истанбул, а во тој град се одржаа и два други собири организирани од левичарски групи. И покрај силното присуство на полицијата, во Истанбул не беа пријавени судири.

„Денес се собравме во многу делови од Турција за да протестираме против НАТО“, изјави генералниот секретар на ТКП, Кемал Окујан, во Истанбул. „Рековме дека нема да ја предадеме Анкара на поддржувачите на НАТО, дека нема да дозволиме Анкара да молчи. Го исполнивме тоа ветување.“

Одделно од протестот, уште 39 лица беа приведени во антитерористички рации низ целата земја, вклучувајќи новинари од независни медиуми, активисти и универзитетски професори, објавија медиумите во неделата.

Владата не се огласи во врска со демонстрациите и апсењата.

ИЗДВОЕНИ