На бреговите на Мексиканскиот Залив, во заштитениот резерват Лас Колорадас, природата одлучи малку да експериментира со бои. Резултатот? Езера што се розови.
„Бојата не е трик, филтер или маркетиншки потег“, пишува Путохоликари. „Розовиот тон доаѓа од ситни микроорганизми – алги, планктон и бактерии што живеат во екстремно солена вода. Тие произведуваат бета каротен, истиот пигмент што им ја дава портокаловата боја на морковите. Во комбинација со висока концентрација на сол и силна сончева светлина, водата ја добива оваа интензивна розова нијанса.“
Бојата е поизразена кога сонцето е посилно, а водата е помирна. Затоа тие предлагаат да ги проверите временските услови пред да пристигнете. Облачен ден ќе резултира со помека нијанса, додека сончев ден ќе биде совршен за Инстаграм, велат тие.
Фламингата често се во близина, кои се хранат со овие микроорганизми, поради што имаат и карактеристична розова боја.
„Контрастот на белиот песок, кристалните наслаги од сол и розовата вода создаваат сцена што изгледа речиси надреално. Одите по земја, но се чувствувате како да сте на друга планета“, напишаа тие.
Лас Колорадас е заштитен резерват и пливањето не е дозволено. Исто така, ова е област која сè уште активно произведува сол.
Најдобро време за посета е сувата сезона, сончевите денови даваат најинтензивна боја, а средината на денот обезбедува најсилен контраст.
Бојата варира, понекогаш е нежно розова, а понекогаш е речиси неонска, што му дава на местото посебен шарм.
Лас Колорадас се наоѓа на полуостровот Јукатан, на околу 3 часа возење од Канкун. Најчесто се посетува како дел од еднодневна екскурзија или во комбинација со посета на блискиот резерват Рио Лагартос.
„Ако веќе сте во Јукатан, ова е еден од оние „wow“ моменти што не сакате да ги пропуштите“, напишаа тие во заклучокот.












