Украински дрон удри во луксузна станбена зграда во Москва во раните утрински часови денеска. Нема жртви, но фасадата на зградата е видливо оштетена. Тоа е трет ден по ред како рускиот главен град е нападнат од дронови, неколку дена пред традиционалната воена парада за одбележување на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна што треба да се одржи на Црвениот плоштад на 9 мај.
Кремљ претходно соопшти дека одбележувањето годинава ќе биде поскромно, поради она што го нарече „терористичка закана“ од Украина.
Видео што кружи на социјалните мрежи, чија автентичност сè уште не е потврдена, покажува пожарникари како влегуваат во тешко оштетен стан во погоден московски облакодер, покриен со прашина и урнатини, со скршени прозорци. Друго видео ги покажува остатоците од дрон расфрлани преку улицата пред облакодерот.
Уште два дрона беа пресретнати, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин.
Летовите на меѓународните аеродроми Внуково и Домодедово беа суспендирани преку ноќта. Руското Министерство за одбрана соопшти дека вкупно 117 дронови биле пресретнати над неколку руски региони помеѓу недела и понеделник.
Од нив, 60 биле насочени кон регионот Санкт Петербург, што регионалниот гувернер Александар Дроженко го нарече „масовен“ напад.
Станбената зграда што беше погодена се наоѓа во луксузен кварт во југозападна Москва, на помалку од 10 километри од Кремљ и Црвениот плоштад, каде што ќе се одржи традиционалната воена парада на 9 мај.
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, украинските дронови постојано стигнуваат до Москва.
Заканата од дронови доведе до затворање на аеродромите на периферијата на руската престолнина и до прекин на воздушниот сообраќај.
Голем дел од Москва е заштитен со ракетниот систем земја-воздух Панцир-С, а успешните напади толку блиску до центарот се релативно ретки.
Пред прославата на 9 мај, Кремљ минатата недела објави дека ќе ја намали вообичаено големата воена парада на Црвениот плоштад поради „терористичката закана“ од Украина.
За прв пат од 2007 година, на парадата нема да има оклопни возила или ракетни системи.
Неколку локални телефонски оператори објавија дека мобилниот интернет ќе биде ограничен во Москва поголемиот дел од неделата од „безбедносни причини“, објавија денеска руските медиуми на 4 мај.
Кремљ стравува дека „безпилотните летала ќе летаат над Црвениот плоштад. Ова е доказ… Мора да продолжиме со притисокот“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Од почетокот на војната, Украина разви арсенал од беспилотни летала со долг дострел способни да погодат цели стотици километри од нејзините граници. Ваквите дронови сега речиси редовно напаѓаат енергетска инфраструктура и рафинерии низ цела Русија во обид да го намалат руското производство на нафта и гас, а со тоа и приходите.












