Израелски воени авиони денес извршија нови напади врз јужен Либан, само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави тринеделно продолжување на примирјето меѓу Израел и Хезболах, објави Ал Џезира, повикувајќи се на извештаи од локалните медиуми.
Два напада беа насочени кон градот Тулин, додека одделен напад го погоди Хирбет Селм, објавува „Либан 24“, додавајќи дека и предградието Тулин било гранатирано со артилерија.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека е постигнат договор меѓу претставниците на Израел и Либан на состанокот во Белата куќа за продолжување на прекинот на огнот за три недели.
„Средбата помина многу добро!“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Truth Social.
Трамп, кој накратко присуствуваше на состанокот на израелските и либанските делегации во Белата куќа, нагласи дека САД ќе соработуваат со Либан за да му помогнат да се заштити од либанската милитантна група Хезболах.












