| Трампов Велес повторно го шокира светот со сомнителни дигитални шеми, полицијата им влегува во трага |
„Инвестирајте веднаш“, „Поддржете го Трамп“, „Вашиот чек вреди 10.000 долари по изборите“. Вака изгледале пораките што со месеци стигнувале до американски граѓани, главно постари луѓе, убедувајќи ги дека купуваат специјални „Trump Bucks“ – наводно поврзани со Доналд Трамп и неговата претседателска кампања.
Но, според американските федерални власти, станува збор за добро организирана интернет-измама зад која стојат двајца македонски државјани од Велес – градот што за време на првата претседателска кампања на Доналд Трамп стекна светска слава по ширењето лажни вести во негова поддршка и го доби епитетот „Трампов Велес“.
Американското Министерство за правда соопшти дека против 25-годишниот Горан С. и 39-годишната Кристина Ј. се поднесени одделни обвиненија за измама преку интернет, заговор и тешка кражба на идентитет. Двајцата, како што наведуваат властите, се недостапни за полицијата. Според истрагата, од 2023 година до денес тие продавале лажни „Trump dollars“, „златни чекови“, „членски книшки“, „дијамантски долари“, „златни значки“ и други производи што биле претставувани како ексклузивни предмети од т.н. „Trump Rebate Banking System“ или „TRB“.
Во рекламите и електронските пораки се користеле фотографии и пораки со името на Трамп, американски знамиња и патриотска реторика, со цел жртвите да поверуваат дека производите се официјално поврзани со поранешниот американски претседател. Во една од пораките, испратена до потенцијални купувачи, стоело дека „Patriot Eagle“ – еден од производите во шемата – може да се замени за 10.000 долари по изборната победа на Трамп во 2024 година.
„Овој Patriot Eagle не е дел од никаков систем и не ви се потребни други производи за да го замените“, се наведувало во пораката потпишана како изјава од Доналд Трамп. Американските власти велат дека сето тоа било целосна лага.
„Trump Bucks немаат никаква врска со претседателот, со неговата кампања или со Организацијата Трамп“, стои во изјавата на американскиот обвинител за Јужниот округ на Њујорк, Џеј Клејтон, објавена на страницата на министерството за правда на САД. Според него измамата била насочена кон постари лица и кон луѓе кои го поддржуваат Трамп, а осомничените ја злоупотребиле нивната доверба и политичка наклонетост. Жртвите биле убедувани дека купуваат вредни финансиски инструменти, однапред „наполнети“ со десетици или стотици илјади долари, кои подоцна ќе можат да ги наплатат во банки. Во реалноста, производите немале никаква вредност и не можеле да се заменат никаде. Продажбата најчесто се одвивала преку онлајн платформи и преку Telegram, каде што осомничените и други учесници во шемата комуницирале со жртвите.

ФБИ тврди дека со измамата биле извлечени стотици илјади долари од граѓани низ САД.
„Овие странски државјани наводно искористиле лажна поврзаност со администрацијата на претседателот за да украдат стотици илјади долари од Американците“, изјави помошник-директорот на ФБИ во Њујорк, Џејмс Барнакл Џуниор. За кривичните дела што им се ставаат на товар, на Горан С. и Кристина Ј. им се заканува казна до 20 години затвор, како и дополнителна задолжителна казна од две години за тешка кражба на идентитет.
Американските власти предупредуваат дека измамата можеби сè уште е активна и ги повикаа граѓаните да не испраќаат пари или лични податоци на лица и организации поврзани со „Trump Bucks“ и „TRB“.
ФБИ бара помош од македонската полиција за интернет измамите
Од Министерството за внатрешни работи за весникот Вечер велат дека прават размена на информации со американските колеги, но засега официјална потерница за обвинетите велешани- нема.
„Во врска со случајот за кој прашувате ве известуваме дека МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција, со координирани дејствија, постапуваа по замолница за меѓународна правна помош од САД, при што обезбедени се информации и податоци кои беа од интерес на тамошната истрага. До овој момент до МВР не е доставено барање за распишување на потерница за лицата, одговараат за нашата редакција од полицијата.
Министерот Панче Тошковски кажа дека двајца македонски државјани кои се бараат во САД за измама и кражба на идентитет, а се наоѓаат во земјава.
– Во овој момент не можам да споделам повеќе детали од она што излезе во рамки на медиумите. Во секој случај ние ќе постапиме согласно нашата надлежност доколку се преземат потребните процесни чекори кои што треба да се преземат од страна на државата која што ја напоменавте и од страна на сите останати органи. Така што во делот на МВР, она што е наша надлежност секако дека ќе постапиме онака како што треба да постапиме – изјави Тошковски.
Тајната економија на Велес: луксузен живот без видлива работа
„Во Велес со години кружат приказни за брзи заработки преку интернет-шеми насочени кон странски пазари. Локалните жители велат дека не е невообичаена глетка млади луѓе да возат луксузни автомобили, да купуваат станови и често да патуваат на егзотични дестинации, иако формално не се водат како сопственици на бизниси или вработени во компании со високи приходи.
Според сознанија на Вечер, дел од куќите во кои живеат лица поврзувани со вакви онлајн бизниси се обезбедени со видео надзор, а работата најчесто се одвива во текот на ноќта, кога се комуницира со луѓе кои живеат во подалечни временски зони. Начинот на заработка ретко се открива јавно, а во градот одамна постои перцепција дека дел од младите преку интернет успеваат за кратко време да дојдат до големи суми пари.

Ваквите интернет-измами најчесто функционираат како добро организирани „call center“ мрежи, во кои групи млади луѓе работат од станови, куќи или импровизирани канцеларии и секојдневно комуницираат со потенцијални жртви во странство. Дел од нив се задолжени за креирање лажни интернет-страници и реклами, други за испраќање масовни електронски пораки, а трети директно разговараат со жртвите преку телефон, Telegram или други апликации. Целта е кај жртвите да се создаде чувство дека станува збор за ексклузивна и ограничена можност за заработка, по што тие постепено се убедуваат да уплатат пари. Во ваквите шеми често се користат политички пораки, познати личности, патриотски симболи или лажни финансиски ветувања за да се добие доверба кај луѓето.
Истражителите велат дека организаторите најчесто работат ноќе поради временската разлика со САД, а комуникацијата и трансакциите се одвиваат преку криптовалути и онлајн платформи за да се отежне следењето на парите.
Велес првпат влезе во глобалната медиумска мапа за време на американската претседателска кампања во 2016 година, кога мал број млади од градот почнаа да креираат веб-страници за сензационалистички и лажни вести за американската публика. Во тој период, десетици вакви домени беа поврзувани со Велес, што ја отвори приказната за мал балкански град кој, речиси преку ноќ, стана симбол за индустрија на лажни вести. Главниот двигател им бил профитот — што повеќе кликови, тоа повеќе заработка. Така се роди и терминот „Трампов Велес“, кој медиумите го користеа како кратенка за новиот интернет-феномен: локална, неформална мрежа што произведува глобално влијание преку дигитални лаги. Со текот на времето, дел од тие мрежи исчезнаа или се пренасочија кон друго… (П.А.)












