Велика Британија синоќа соопшти дека нејзините вооружени сили се подготвени да ја заштитат земјата од каков било напад, откако Иранската револуционерна гарда издаде предупредување бидејќи на американските бомбардери им беше дозволено да полетуваат од британските бази.
„Нашите вооружени сили се подготвени да ја заштитат безбедноста на Обединетото Кралство од каков било вид напад, без разлика дали станува збор за напад врз наша територија или од странство. Обединетото Кралство е подготвено да се брани 24 часа на ден, седум дена во неделата“, изјави портпарол на британската влада, пренесува Ројтерс.
Како што е наведено, ова вклучува спроведување на повеќеслоен пристап кон воздушната и ракетната одбрана, со ангажирање на Кралската морнарица, Британската армија и ресурсите на Кралските воздухопловни сили, кои се опремени со низа напредни капацитети, во тесна соработка со сојузниците на НАТО.
Иранската револуционерна гарда (ИРГК) вчера предупреди дека секоја британска воена база што ја користат САД за напад врз Иран ќе стане легитимна цел.
Њујорк Тајмс: Иран размислува за напад врз Тел Авив во случај на понатамошна ескалација
Двајца ирански функционери изјавија за Њујорк Тајмс дека следната фаза од ескалацијата на конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран би можела да вклучува ирански напад врз Тел Авив.
Според функционерите, доколку американскиот претседател Доналд Трамп ги оствари своите закани за напад врз Техеран и иранската инфраструктура, Исламската Република ќе возврати со напад врз Тел Авив, но исто така ќе побара од јеменските Хути да воведат поморска блокада на теснецот Баб ел-Мандеб.
За време на првата фаза од конфликтот, која започна на 28 февруари, израелските одбранбени сили учествуваа во напади врз Иран, додека Техеран испука стотици балистички ракети кон Израел. Израел не се придружи на сегашниот обновен конфликт, а Иран не изврши напади врз еврејската држава во последните недели, забележува весникот.












