Ситуацијата на Блискиот Исток дополнително се влошува, бидејќи тензиите околу Ормускиот теснец влегуваат во нова, опасна фаза. Реториката на големите сили станува сè поостра, а секој следен потег носи ризик од директен конфликт со непредвидливи последици за регионот и глобалната безбедност.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, упати отворено предупредување до Иран, велејќи дека неговите сили ќе бидат „избришани од лицето на земјата“ ако се обидат да нападнат американски бродови кои обезбедуваат навигација низ Ормускиот теснец како дел од операцијата „Слобода“. Во исто време, воените движења на теренот укажуваат на подготовки за можна понатамошна ескалација.
Во овој контекст, германската морнарица веќе го пренасочи логистичкиот брод „Мозел“ од Егејското кон Средоземното Море, што се толкува како дел од подготовките за потенцијално распоредување во зоната на Ормускиот теснец. Овие потези дополнително потврдуваат дека регионот е на работ на ескалација, каде што дури и најмала искра би можела да предизвика поширок конфликт.
Техеран ги предупредува САД: Само што почнавме
Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач на Техеран во разговорите со САД минатиот месец, Мохамед Галибаф, го обвини Вашингтон дека ја загрозува безбедноста на навигацијата и транспортот на енергија во Ормутскиот теснец со кршење на прекинот на огнот.
Во објава на мрежата X, по лансирањето на американскиот воен план „Проект слобода“, Галибаф рече дека „се зацврстува нова равенка во Ормутскиот теснец“.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека конфликтот со Иран би можел да трае уште две до три недели и рече дека Соединетите Американски Држави веќе победиле. Во телефонско интервју за Си-Би-Ес њуз вчера попладне, Трамп одби да каже дали прекинот на огнот со Иран завршил откако Иран ги нападна Обединетите Арапски Емирати, но рече дека војната би можела да продолжи уште две или три недели.
„Па, тоа не можам да ви го кажам“, рече Трамп кога го прашаа дали прекинот на огнот е завршен. На прашањето дали најновите непријателства сигнализираат почеток на обновен конфликт со Иран, Трамп рече дека на еден или друг начин, САД победуваат. „Или ќе постигнеме вистински договор или ќе победиме многу лесно. Од воена гледна точка, веќе победивме. Знаете, ме слушнавте милион пати како го кажувам тоа, а и други го кажаа. Имаа 159 бродови… сега немаат ниту еден. Сите се на дното на морето“, рече Трамп.












