КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Време на монструми

576

По кој знае кој пат згасна млад живот на скопскиот асфалт, згасна по наша вина, вина и одговорност на сите нас што со децении молчиме и не го дигаме својот глас против оние што создаваат и негуваат монструми, празни човечки „љуштури“, без срам, морал, одговорност. Молчиме и се потргнуваме настрана кога аздисано детиште малтретира цело одделение, кое е заложник на фрустрациите и на  примитивизмот на родителите на малото монструмче, молчат и училиштата и наставниците, директорите креваат рамена. Молчат и центрите за социјална работа, кои се занимаваат со маргинални работи, невладините организации ги полнат буџетите преку квазипроекти за некакви квазиправа на децата, кои се сè повеќе невоспитани и насилни, обвинителството спие, а судот, како во театар, глуми правда и сите заедно, замижани, „ушушкани“ во својата комфорна зона,  дозволуваме да се создадат монструми.

Исплашени од примитивната настојчивост на фрустрираните и покондирани простачишта, кои глумат родители и кои по секоја цена го бранат својот мал монструм, без оглед што направил, нивната креација од креатура на човек добива видливи обележја на монструм. Молчиме и се тргаме од простаците, кои го узурпираат сиот јавен простор со своите наметливост, бескрупулозност, силеџиство и гласност на збеснат пес. Се тргаме и ги наведнуваме главите пред примитивците и пред нивниот пород кога се буткаат во редиците во маркетите, кога возат како луди во сообраќајот, кога влегуваат од сите страни како да е нивна улицата, кога паркираат каде што ќе стигнат, кога фрлаат ѓубре од балконите, кога малтретираат цела кафеана со својот простотилак и „неотесаност“, кога се нашите деца заложници на нивните деца, кога се закануваат јавно, изживуваат, аздисуваат, кога крадат, нè лажат, кога се богатат на наша сметка, кога го приватизираат и уриваат системот, ја присвојуваат државата, а нас нè сметаат за овци. Молчиме или тивко меѓу нас шепотиме за нивните примитивизам, простотилак, молчиме затоа што имаме воспитување, култура, морал затоа што така нè учеле, а тие, без срам и образ, тераат по свое, осоколени по секое наше премолчување, осилени се сметаат за недопирливи. Молчиме и дозволуваме да се создаваат монструми, кои се меѓу нас и кои се потенцијална опасност за нас, нашите деца, внуци.

Денес, во нашата држава владеат и опстојуваат скороевиќи, транзициски профитери, партиски апаши, безработници и безрбетници, со исклучок на поединци, кои се маргинализирани и етикетирани.

Извор на нивните приходи се државната каса, џебот на таткото тајкун, партиската каса, наместениот тендер или измамата и далаверата. Ние, како општество, веќе не произведуваме вредности, произведуваме безделничари, паразити, монструми.

Денес, за дел од некаква си умислена „елита“ се сметаат татини и мамини синови што спијат до пладне и седат по кафулињата, не работат ништо, а возат коли во вредност на еден стан, партиски апаратчици што цицаат од државните јасли, фејсбук-ботови што мислат само со главата на пастирот што ги предводи, ситни измамници и крупни идиоти.

Во нашето општество, веќе не ги негуваме традиционалните вредности и доблести, не го негуваме она што нè определило и зачувало како народ, не ги почитуваме умот и моралот како во минатото, се срамиме од моралните и човечките вредности по кои сме живееле некогаш, славиме накарадност, искривоколченост, изопаченост.

Денешното општество, за кое некои имаат илузија дека постои како организирана заедница на луѓе во која владеат правила, ниту е организирана ниту е заедница на луѓе, туку е хаотична аморфна маса во која моралот и доблеста се исмеани, а политиканти, фејсбук-идиоти, партиски ботови, самонаречени инфлуенсери, морални креатури, ситни души и монструми што никогаш ништо не создале, ги создаваат правилата на однесување и вредностите поради кои пропаѓаме и страдаме.

Време е да прекинеме да ги вртиме главите, време е да го дигнеме својот глас, а, богами, и стап против сите овие создавачи на монструми и самите монструми за да не гинат повеќе нашите деца, за да не им згаснува животот поради тоа што дивее некој по улиците или им испукува куршум во тилот.

 (Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ