За помалку од 7 години, Македонија би можела да стигне до 10.000 долари по глава на жител, ако постигне економски раст од 10 проценти, ако има поголема продуктивност, а за подигнување на нивото на приходи ѝ се потребни луѓе со подобри вештини, поголема иновативност, претприемништво, енергетска ефикасност. Ова е рецептот по кој треба да се води Македонија во наредниот период, а ни го „препиша“, Иваило Изворски, главен економист на Светска банка.

Според него, планот на Владата за зголемување на приходите по глава на жител на 10.000 долари ќе зависи од стапката на раст, а за повисоки приходи треба да се работи на квалитетно образование, конкурентно опкружување и поголема енергетска ефикасност.

– Ако стапката на раст е околу 10 проценти, тогаш БДП се удвојува за 7 години. Од сегашните 8.000 – 9.000 долари може да се достигнат 17.000, а до 10.000 долари може да се стигне за многу пократок временски период – истакна Изворски  пред презентацијата на Извештајот на Светска банка „Поголеми височини, раст кон високи приходи во Европа и Централна Азија“ во Скопје.

Правејќи споредба со просекот во Западна Европа, кој изнесува 36.000 долари по глава на жител, Изворски потенцира дека со стапка на раст од 10 проценти ќе ги стигнеме за 30 до 40 години, а ако е побавна стапката на раст како во изминатите 5 до 6 години, тогаш тоа може да биде 60 до 70 години.

За повисоки просечни приходи по глава на жител и за да достигне статус на земја со високи приходи, Македонија мора да го подобри квалитетот на образованието, што ќе значи работна сила со подобри вештини, поголема иновативност, претприемништво. Според него, растот на економијата го креира и конкурентноста на компаниите и деловното опкружување, кое не е на високо ниво.

– Новите компании кога ќе влезат на пазарот и ќе почнат да водат бизнис не можат да растат многу и бргу, во споредба да речеме со САД или Германија, без оглед дали се работи за немање доволно финансии, други ресурси, за немање доволно квалитетен персонал или иновативност, конкурентно опкружување кое би ги туркало напред – посочи Изворски.

Третата работа на која се укажува со Извештајот на Светска банка е за користењето на енергијата односно постигнување што поголема енергетска ефикасност.

– Ако се постигне поголема енергетска ефикасност тоа ќе доведе до поголема профитабилност за деловните субјекти кои работат, помали трошоци за граѓаните и помалку субвенции бидејќи многу земји даваат субвенции на енергетските производители, така што во овој случај би давале помалку – рече Изворски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во видеообраќање на конференцијата посочи дека клучните политиките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на макроекономската стабилност како темел за развој на среден рок.

– Не отстапуваме од напорите за фискална консолидација и истовремено од спроведување на нашиот амбициозен инвестициски план, односно реализацијата на јавните инвестиции, преку капиталните расходи од Буџетот, инвестициите во локален развој, преку проекти во општините, како и инвестиции во приватниот сектор за поддршка на домашните компании и зголемување на нивната конкурентност и продуктивност. Убедени сме дека ова ќе даде ефекти и за државата и за економијата и за граѓаните – рече Димитриеска-Кочоска.

ИЗДВОЕНИ