Во северозападна Кина е отворен првиот музеј во светот посветен на праисториските птеросауруси – крилести влекачи сродни со диносаурусите. Музејот се наоѓа во национален геопарк во Хами и е голем 4.600 квадратни метри, со шест изложбени сали во форма на гнездо. Во него се изложени фосили пронајдени во последните две децении, како и првите фосилизирани јајца и ембриони од птеросауруси. Овој музеј нуди уникатен поглед во животот и во еволуцијата на овие праисториски суштества стари околу 130 милиони години, истакнувајќи ја водечката улога на Кина во истражувањата на птеросаурусите
Во автономниот регион Синџијанг-Ујгур, во северозападна Кина, е отворен научен музеј посветен на птеросаурусите – крилести влекачи кои се во блиско сродство со диносаурусите. Овој музеј, прв од ваков вид во светот, се наоѓа во национален геопарк во областа Хами во Синџијанг – локација позната по бројните откритија на фосили од птеросауруси.

Со изложбен простор од околу 4.600 квадратни метри, Музејот на птеросауруси во Хами се состои од шест сали со овален облик, распоредени во скалест поредок. Гледано од воздух, објектот потсетува на гнездо со јајца од птеросаурус положени во пустината.

Меѓу изложените фосили се наоѓаат примероци пронајдени во текот на повеќе од две децении истражувања и спасувачки ископувања спроведени од научници од Институтот за палеонтологија на ’рбетници и палеоантропологија при Кинеската академија на науките. Исто така, изложени се и првите фосилизирани јајца и ембриони од птеросаурус зачувани во 3Д-форма, како и големи примероци од птеросауруси кои првпат се претставуваат пред јавноста.

Ова е првпат сите овие примероци да бидат изложени заедно. Според музејот, експонатите нудат панорамски приказ на животот и на еволуцијата на птеросаурусите пред околу 130 милиони години.

Сју Синг, раководителот на институтот при Кинеската академија на науките, изјави дека музејот не само што ја истакнува водечката улога на Кина во глобалните истражувања на птеросаурусите туку и ѝ овозможува на јавноста одблизу да се запознае со научните откритија и да им се восхитува на чудата на древниот свет.
https://english.news.cn/20260913/02df96d6ed9f448f88d03b63dc5095f8/c.html












