Старите лица во Кочани ќе добијат место каде што ќе може да престојуваат и да се дружат. Општина Кочани потпиша договор за изградба на дом за стари лица.
Новиот дом ќе се гради во кругот на поранешната касарна и ќе се простира на површина од околу 4.000 квадратни метри. Објектот ќе има четири ката, поткровје и подрумски простории, со капацитет за околу 150 лица.
Покрај сместувачките капацитети, ќе бидат обезбедени и простории за медицинска нега, рекреација и социјални активности, а во функционирањето ќе се користат и геотермални води.
Домот ќе биде во државна сопственост и се очекува да понуди подостапни цени во споредба со приватните установи. Финансирањето на проектот е обезбедено преку унгарски кредит.
Проектот е вреден 247.677.656 денари, односно преку 4 милиони евра. Изведувач на градежните работи е компанијата „Фишер-Тихи“ од Куманово, која е задолжена за подготвителните, земјените, бетонските, браварските и лимарските зафати.
Во изградбата ќе се вклучи и „Стентон градба“ од Битола, која ќе ги изведува ѕидарските, фасадерските, изолационите, армирачките, столарските и керамичките работи, како и други активности предвидени со договорот.
Според договореното, рокот за завршување на објектот е две години.












