На 28 октомври обвинителите ќе избираат нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, првпат според измените на Законот за јавно обвинителство, со кои самите обвинители го добиваат изборот во раце. Петтемина кандидати пред Советот на јавни обвинители ги претставија своите визии за раководењето со Обвинителството, а во нивните излагања доминираа финансиските истраги, одземањето на криминално стекнатиот имот, јакнењето на истражниот центар и независноста во постапувањето.
Фатон Азизи, обвинител во ОЈО ГОКК, кој работи во Одделението за висока корупција, се заложи за зголемување на капацитетите на истражниот центар, вработување стручни кадри за економски криминал и дигитална форензика, како и за директен пристап до базите на МВР и на УЈП. Според него, финансиската истрага треба да оди паралелно со кривичната, со цел навремено одземање на незаконски стекнатиот имот. Тој посочи дека треба да им се посвети особено внимание на перењето пари во градежништвото, употребата на криптовалути и на сомнителните финансиски текови.
– Нема голем и мал осомничен. Без разлика на името и презимето, функцијата и политичката моќ, сите ќе се третираат согласно со доказите и според истиот аршин – порача Азизи.
Трајче Пеливанов, виш јавен обвинител и поранешен заменик на шефот на ОЈО ГОКК, рече дека раководната функција треба да донесе професионални стандарди, независност во одлучувањето и резултати, наместо фокус на статистиката. Тој нагласи дека финансиската истрага мора да почне навреме, со проверка на имотот и на финансиските текови.
– Силно обвинение не е она што силно се најавува, туку она што гради квалитетни истраги што ќе го издржат тестот пред судот – рече Пеливанов.
Според него, Обвинителството не смее да биде инструмент за селективно постапување и влијанија, ниту да се отвораат истраги поради јавен притисок.

Обвинителката Лидија Раичевиќ се заложи за промена на досегашната практика на лобирање за гласови и повика обвинителите самостојно да одлучат кому ќе му ја дадат поддршката. Таа оцени дека функцијата бара, пред сè, стручност во откривањето на криминалот и познавање на неговите структури, а не само гонење на сторителите. Според неа, обвинителите треба да ги почитуваат правилата на кривичната постапка и да знаат како функционира криминалот во различни области, од дрога и оружје до здравство и образование. Раичевиќ порача дека изборот е можност за пресвртница, но и дека за Обвинителството е важно неговиот прв човек да има професионален авторитет.
Искра Хаџи-Василева предложи работа врз четири столба: ажурност, финансиски истраги, дигитализација и транспарентност за враќање на јавната доверба. Таа се заложи за приоритетно постапување за предмети од јавен интерес, поголема примена на спогодувањето и употреба на вештачката интелигенција за задачи како превод и олеснување на работата на обвинителите.
– Мора да размислуваме како ќе ја водиме борбата против корупцијата – порача Хаџи-Василева, нагласувајќи дека корупцијата на јавните функционери не остава рамнодушни граѓани.
Јован Цветановски најави ефикасна соработка со МВР, Финансиската полиција и со Царината, формирање заеднички тимови и истовремено водење кривични и финансиски истраги. Како приоритет ги посочи утврдувањето на текот на парите, раното замрзнување на имотот и истрагите поврзани со киберкриминалот и криптовалутите. Тој најави и попис на предметите, процена на кадровските капацитети на истражниот центар и воспоставување интерни протоколи за обезбедување имот. Се заложи и за поголема транспарентност на обвинителските одлуки.
– Предметот мора да се гради со докази, а не со мислење – рече Цветановски, додавајќи дека обвинителот мора да одговара за сопствената работа. (П. А.)












