Иран постави седум клучни услови што мора да бидат исполнети за повторно отворање на стратешкиот Хормуски Проток, една од најважните поморски точки за глобалниот транспорт на нафта и на енергенси. Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Багер Галибаф, по добивањето на одговорот од Вашингтон на иранскиот дипломатски предлог, јасно порача дека Техеран не отстапува од новите барања и дека нема да биде деблокиран протокот сè додека САД не ги исполнат обврските од јунскиот меморандум за разбирање од Исламабад. Тој нагласи дека американската страна неодамна, преку посредници, изнела предлози, но порача дека е завршена ерата на одолговлекување на процесот и наметнување еднострани барања.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави пред странските амбасадори и дипломати во Техеран дека доколку САД го прифатат иранскиот дипломатски план и преземат конкретни обврски, може да биде воспоставен сообраќај низ Хормуз во рок од седум дена. Сепак, тој упати и остро предупредување дека Техеран е „поподготвен од претходно“ за нова воена конфронтација и за соодветна одбрана доколку администрацијата на Трамп се определи за воена акција. Сообраќајот низ протокот, кој е широк од 35 до 40 километри, е во голема мера ограничен од почетокот на војната кон крајот на февруари, а ситуацијата дополнително ескалираше откако САД испратија носач на авиони на Блискиот Исток по најавите за воена ескалација во регионот.












