недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Хоророт кај Јоханесбург продолжува: Десетта жена пронајдена мртва во серија убиства

Хоророт кај Јоханесбург продолжува: Десетта жена пронајдена мртва во серија убиства

0
EPA/STRINGER

Јужноафриканската полиција вчера го пронајде телото на уште една жртва во Екурхулени, источно од Јоханесбург, со што вкупниот број на жени пронајдени мртви во оваа област во изминатите два месеца се искачи на десет.

Полицијата работи на утврдување дали убиствата се поврзани, објави „Франс 24“. Полуголото тело е пронајдено во близина на гробишта во Тембиса, соопшти полицијата.

„Во оваа фаза, можеме само да го потврдиме пронаоѓањето на телото. Форензичките тимови и сите надлежни служби моментално се на местото на настанот“, изјави портпаролката на полицијата, Бренда Муридили.

Шефот на покраинската полиција, Томи Мтомбени, изјави дека сите индиции укажуваат оти жртвата била убиена со каменување и оти ќе се изврши обдукција за да се утврди причината за смртта.

„За овој случај ангажиравме висококвалификувани истражители“, им рече тој на новинарите на местото на настанот, ветувајќи дека ќе ги пронајдат одговорните за убиствата.

Деветте претходни жртви главно биле на возраст меѓу 20 и 40 години. Некои биле пронајдени голи и со знаци на сексуален напад.

Првата жртва, 37-годишна жена, била пронајдена гола и врзана со пластични стеги на 15 јули, а осомничениот бил уапсен два дена подоцна.

Уште две осомничени лица – жени на возраст од 31 и 38 години – биле уапсени во врска со случајот на деветтата жртва и против нив во понеделникот биле поднесени обвиненија.

Полицијата понуди награда од 400.000 ранди (приближно 25.000 долари) за информации што би довеле до апсење на осомничениот сериски убиец или убијци, додека „Демократската алијанса“, втората по големина политичка партија во Јужна Африка, понуди дополнителни 31.000 долари.

Половото насилството е широко распространето во Јужна Африка, и покрај долгогодишните ветувања на владата дека ќе го реши овој проблем, пренесува „Франс 24“.

Јужноафриканската влада минатата недела соопшти дека националниот Команден центар за насилство врз основа на пол примил 6.782 повици за помош во периодот од 1 до 16 септември – што претставува просек од 424 повици дневно. Ова претставува зголемување од 21 отсто во споредба со истиот период во август, кога центарот регистрирал просек од 350 повици дневно.

Според France24, Јужна Африка – земја со 62 милиони жители – има една од највисоките стапки на убиства во светот, со просек од над 60 убиства дневно.

ИЗДВОЕНИ