Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, е охрабрен од добрата форма на Ферари, во пресрет на трансферот во тој тим следната сезона. Тој додаде дека е неверојатно да се гледа како Мекларен и Ферари ја прекинуваат доминацијата на Ред бул оваа сезона. Ред бул добро ја започна сезоната, како и неговиот возач Макс Верстапен и се чинеше дека нема да има проблем да ги одбрани титулите. Сепак, Верстапен премина во серија од 10 трки без победа, а тимот на Ред бул е престигнат од Мекларен и од Ферари и се наоѓа на третото место кај конструкторите.

Трикратниот шампион ја прекина црната серија на последната трка во Бразил и речиси сигурно ќе ја одбрани титулата. На три трки пред крајот на сезоната, Мекларен е прв со 593 бода, Ферари има 557, а Ред бул е трет со 544 бода.

По 12 години, Хамилтон ќе го напушти Мерцедес и ќе се пресели во Ферари, кое, пред Бразил, триумфираше на две последователни трки, во САД и во Мексико.

  • Многу сум заинтересиран за мојата иднина, се разбира. И соодветно на тоа, следам речиси сè. Гледам сè што се случува – изјави Хамилтон, а пренесе „Скај спорт“.

На прашањето дали е охрабрен од перформансите на Ферари, Британецот одговори: „Секако“.

  • Ако ја погледнете трката во Кина, Ред бул имаше една секунда предност и беше прилично неверојатно да се гледа како расте Мекларен, а потоа и Ферари на последните неколку трки, да се види нивниот напредок, да се види сечиј болид,  што менуваат и што додаваат. Сите ги гледаме снимките, сите возачи, круговите во болидот и секогаш се обидуваме да видиме каде можеме да добиеме време. Има некои болиди што едноставно реагираат поинаку, подобро или полошо, во одредени сектори и се обидувате да видите како да постигнете рамнотежа или како да го водите тимот за да го развие болидот во таа насока – додаде Хамилтон.

Шампионатот во Формула 1 продолжува со Големата награда на Лас Вегас, во недела, на 24 ноември.