Германија ја намалува квотата за работници од Западен Балкан од досегашните 50.000 на 25.000 лица годишно, што од 2027 година ќе ги ограничи можностите за вработување на македонските граѓани. Сепак, промената доаѓа во период кога и побарувачката за работници од регионот веќе бележи значителен пад поради економските проблеми и намалената активност на германските компании. Намалувањето се однесува на Регулативата за Западен Балкан, која од 2016 година им овозможува на државјаните на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора полесно да се вработат во Германија. За разлика од другите државјани на земји надвор од Европската Унија, според оваа регулатива не мора да имаат посебно признати квалификации или да работат во дефицитарни професии. Основен услов е да добијат понуда за работа од германски работодавач.
Според процените на Зоран Кочовски од агенцијата „Коузон“, во претходните години, од 5.000 до 7.000 македонски граѓани годишно заминувале на работа во Германија. Но, интересот на германските компании во последниот период е значително намален.
Кочовски за весникот ВЕЧЕР вели дека падот најдобро се забележува преку работата на агенциите за посредување. Ако претходно преку нивната агенција се реализирале повеќе од 600 вработувања на македонски државјани годишно, сега бројката е околу 200.
– Нашите партнери во Германија ги намалија, а дел од нив и целосно ги откажаа плановите за ангажирање македонски работници. Тоа доволно покажува колку е намалена побарувачката на германските компании, посочува Кочовски.
Како главни причини ги наведува економската стагнација, затворањето на компании и намалениот број нови работни места. Германските работодавачи, според него, во актуелните услови најнапред ги разгледуваат можностите за вработување домашни невработени лица, бидејќи постапката е поедноставна и побрза, додека ангажирањето работници од странство може да подразбира и до шест месеци чекање за потребните документи.
И покрај намалениот интерес, одредени професии и натаму се барани. Меѓу нив се возачите на камиони, но работодавачите поставуваат сè построги критериуми, вклучително и познавање на германскиот јазик.
Кочовски посочува дека македонските дипломи и стручни квалификации генерално се прифаќаат во Германија, но за одредени регулирани професии е потребно дополнително лиценцирање.
–Тоа е случај, на пример, со лекарите, електричарите и водоинсталатерите. Кај овие занимања, покрај признаена диплома, потребно е да се исполнат и дополнителни услови и да се добие соодветна дозвола од германските институции, објаснува тој.
Признавањето на дипломата, додава Кочовски, не е единствениот услов за вработување. Германските компании сè повеќе ги вреднуваат практичното искуство, јазичните способности и подготвеноста на кандидатите веднаш да ги извршуваат работните задачи.
Намалувањето на квотата предизвика реакции и во Германија. Дел од деловните здруженија и седум сојузни покраини се противат на мерката, предупредувајќи дека ограничувањето може дополнително да го отежне пополнувањето на слободните работни места.
Особена загриженост има во градежништвото, угостителството, логистиката, занаетчиството и секторите за нега и грижа за стари и болни лица. Конфедерацијата на германски здруженија на работодавачи (BDA) предупредува дека од 1 јануари 2027 година би можеле да бидат одбиени и барања за работници за кои веќе постои потреба.
И Сојузната агенција за вработување го критикува намалувањето на квотата, посочувајќи дека повеќе од еден милион граѓани од Западен Балкан се вработени во Германија и плаќаат придонеси за социјално осигурување. Од нив, 53 отсто работат како квалификувани или висококвалификувани работници.
Регулативата за Западен Балкан беше воведена во 2016 година, со цел да се овозможи легално вработување на граѓаните од регионот во Германија, а истовремено да се намали бројот на неосновани барања за азил. Во изминатите години таа овозможи голем број работници да најдат работа и да се вклучат во германскиот пазар на труд.
И покрај најавеното намалување, можноста за легално вработување останува. Македонските граѓани и натаму ќе можат да аплицираат според Регулативата за Западен Балкан, но со преполовена квота, односно конкуренцијата за слободните места ќе биде поголема.
Заинтересираните кандидати ќе треба да обезбедат понуда за работа и да ги исполнат условите за добивање виза и дозвола за престој и работа. Достапни остануваат и другите законски патишта за вработување, кои зависат од образованието, квалификациите и работното искуство на кандидатите.
(А. С.)












