Германски турист добил речиси 1.000 евра отштета откако тој и неговото семејство не можеле да најдат лежалка на плажа бидејќи други гости ги зафатиле пред него.
Човекот, чиј идентитет не е откриен, бил на одмор со своето семејство на грчкиот остров Кос во 2024 година. Тој рекол дека и покрај тоа што станувал во зори секое утро и поминувал 20 минути барајќи бесплатна лежалка, не можел да ја најде.
Тој платил повеќе од 7.000 евра за одмор со сопругата и двете деца, а хотелот му одобрил делумно враќање на парите откако се пожалил. Но, Општинскиот суд во Хановер минатиот месец пресуди дека четиричленото семејство има право на износ од 986,70 евра и дека одговорен е туристичкиот оператор во Германија, објавува „Гардијан“.
Сведочејќи на суд, човекот рекол дека ниту хотелот ниту туристичкиот оператор не направиле ништо за да ја спроведат политиката на одморалиштето за „резервирање со пешкири“. И покрај неговите барања до персоналот, гостите кои го правеле тоа не биле предупредени ниту замолени да престанат, рече тој.
Човекот рекол дека станувал рано секое утро во феномен познат како „брзање во зори“ за да се обиде да ги добие местата што ги сакал. Но, тој тврди дека никогаш не успеал, оставајќи ги своите деца да лежат на бетонот.
Судот наведе дека туристите мора да прифатат дека не секогаш ќе добијат лежалка, туку дека одговорен е туристичкиот оператор, кој во комуникација со хотелот, треба да обезбеди систем што овозможува „разумен“ сооднос помеѓу бројот на лежалки и бројот на гости. Судијата рече дека пресудата е донесена „врз основа на индивидуалните околности“.












