Многу луѓе вчера со нетрпение го гледаа оџакот на Систинската капела, чекајќи го белиот чад што ќе го навести изборот на нов папа. Сепак, вниманието на јавноста не го украде за момент чадот, туку галеб. Птицата која се качи на покривот на Систинската капела стана главна атракција на социјалните мрежи, а корисниците веднаш ја претворија во ѕвезда на бројните мемиња.
„Дива“, „Поздрав до оној галеб кој беше целосно фокусиран на настаните од конклавата“, „Најдоброто место во градот“, се само дел од коментарите на Х.




На првиот ден од конклавата во Ватикан околу 21 часот се појави црн чад од оџакот на Систинската капела, што значеше дека кардиналите не успеаја да изберат нов папа во првиот круг на гласање.
Оваа традиционална практика сигнализира дека ниту еден од кандидатите не го добил потребното двотретинско мнозинство. Според правилата на конклавата, за да се избере нов папа, кандидатот мора да добие поддршка од најмалку 89 од 135-те кардинали електори. Гласањето продолжува и во следните неколку дена, со најмногу четири круга дневно, два наутро и два попладне, додека не се постигне потребното мнозинство.
Црниот чад, кој се издига од оџакот поставен на покривот на Систинската капела, се создава со палење на гласачките ливчиња со додавање на специјални хемикалии кои произведуваат густ црн чад.
Овој метод се користи за јасно сигнализирање на јавноста дека папата се уште не е избран.
Кардиналите во средата на 7 мај се собраа во Систинската капела каде по свечената поворка и молитвата „Veni Creator Spiritus“ дадоа заклетва на тајност. Откако свечениот водач на конклавата рече „Extra omnes“ (сите надвор), вратите на капелата беа затворени и кардиналите го започнаа своето прво гласање.
Конклавата се очекува да трае неколку дена, со оглед на тоа што во моментов нема јасен фаворит меѓу кандидатите. Меѓу потенцијалните наследници на папата се италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, Филипинецот Луис Антонио Тагле, Французинот Жан Марк Авелин, Унгарецот Петер Ердо, Американецот Роберт Превост и ерусалимскиот надбискуп Пјербатиста Пикабала. Повеќето кардинали-изборници беа назначени од папата Франциско, што ги зголемува шансите неговиот наследник да го продолжи реформскиот курс.
Насобраните верници на плоштадот Свети Петар ќе продолжат да го гледаат оџакот од Систинската капела во исчекување на белиот чад кој ќе го одбележи изборот на новиот поглавар на Католичката црква.