Од изградба на скапи регионални центри до ниски стапки на рециклирање и проблеми со диви депонии – хрватските позитивни и негативни практики беа претставени од страна на професорката Александра Аниќ-Вучиниќ од Хрватска пред присутните на панел-дискусијата „Воспоставување регионален систем за управување со отпад како основа за циркуларна економија“ што се одржа во Скопје. Тие беа претставени како клучна поука за идниот развој на македонскиот систем за управување со отпад и преминот кон циркуларна економија

Кога ќе го ставите пластичното шише во жолта канта, не го решавате проблемот, туку тој почнува во тој момент. Ова, меѓу другото, го истакна професорката Александра Аниќ-Вучиниќ од Хрватска, која пред присутните на панел-дискусијата „Воспоставување на регионален систем за управување со отпад како основа за циркуларна економија“ што се одржа во Скопје, ги раскажа хрватските позитивни и негативни искуства во справувањето со отпадот, од работата на тамошните четири оперативни собирни центри чија изградба ја чинеле државата од 50 до 70 милиони евра за секој центар поединечно.
Таа нагласи дека со отворањето на регионалните центри не престануваат проблемите, туку тие мора секојдневно да се решаваат. Таа нагласи дека во 2024 година само 37 % од отпадот бил рециклиран во Хрватска. Посочи дека практиката говори дека само 35 % од пластиката може да се рециклира, а 65 % не може и треба некаде да се одложи. Професорката рече дека проблем со нелегално одлагање на отпад има и во Хрватска и во Европската Унија, најчесто тоа е градежен отпад и дека мора посериозно да се работи на затворање на таквите депонии и на илегалните текови внатре во Унијата.
Професорката Вучиниќ рече дека изградбата на регионалните центри не е само трошок. Според неа, обработката на отпадот во Хрватска чини од 150 до 170 евра по тон, таксата што државата ја наплаќа за одлагање на отпадот изнесува 15 евра по тон, а реалната цена за покривање на трошоците изнесува од 15 до 20 евра по домаќинство.
Таа посочи дека и во Хрватска има реакции од локалното население кое не сака отворање на регионални собирни центри. Таа посочи дека екологисти добиле спор против државата пред меѓународен суд за неисчистена згура и за тоа мора да плаќа пенали.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, пред присутните истакна дека регионалното управување со отпад е една од најважните реформи во областа на животната средина и една од најголемите инвестиции во секторот.
– Предолго зборувавме за модерно управување со отпад, а премалку се реализираше. Денес веќе се случува конкретна имплементација – воспоставување на првите регионални центри за отпад, трансфер-станици и испорака на современа механизација за општините – порача Хоџа, додавајќи дека целта е воспоставување систем што конечно ќе стави крај на дивите депонии и на застарениот начин на третман на отпадот.
Министерот нагласи дека државата постепено треба да премине од модел на депонирање кон циркуларна економија, каде што отпадот ќе се третира како ресурс, а не како проблем. Тој посочи дека во процесот веќе се обезбедени средства и меѓународна поддршка, но дека успехот ќе зависи од функционален и одржлив систем, координација со општините и повисока јавна свест.
– Ова е обврска кон идните генерации и кон природата што треба да ја зачуваме – истакна Хоџа.
Претседателот на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад, Михаил Матески, рече дека Македонија прилично доцни со изградба на регионални центри, кои требаше да бидат завршени уште пред повеќе од една деценија.
– Сега е еден, ајде да кажеме, критично добар момент бидејќи, како држава, имаме солидна поддршка од донатори и од Европската Унија. И секако, една од главните агенди и при пристапување на Македонија во Европската Унија ќе биде животната средина. Регионалните центри се начинот на кој можеме да ги подигнеме капацитетите и на државата и на локалните самоуправи. Управувањето со отпадот не е евтина операција. Меѓутоа, управувањето со отпадот е и инвестиција во здрава животна средина, во јавното здравје на граѓаните и, на крајот на краиштата, е еден ресурс за нашата економија – нагласи Матески.
Тој потсети дека наскоро еден од трите регионални центри веќе треба да биде во подготвителна фаза – Пелагонискиот.
– Она на што ние се надеваме, со поддршка и на државата и на Министерството, и ние како струка, како експерти и како приватни бизниси, е следните центри да бидат многу побрзо и некако да фатиме чекор со останатите држави од регионот. Европа е далеку пред нас. По мои сознанија, мислам дека за следната година е планирано за другите три центри, сега се тие подготвителни фази. Ние како МАСВА, како асоцијација, учествуваме и ќе имаме соработка со ЕБОР во дел на дообука на кадри кои ќе бидат вклучени во управувањето со регионалниот центар. И она што сакам да го кажам како тренд во Европа – тоа веќе се центри за управување со ресурси – нагласи Матески.
Според него, веќе почнува да се менува наративот, како што рече, „затоа што дефинитивно отпадот не е ѓубре, отпадот е ресурс“.
– И бидејќи сме држава која нема многу природни ресурси во смисла на минерали, тие материјали што веќе се увезуваат во голема мера би било идеално да ги користиме како нови ресурси за нашата економија, што е вистински пример на циркуларна економија. Циркуларната економија значи дека при дизајн на производ се почнува, се размислува за неговиот отпечаток, за тоа да може да се рециклира, да биде повторно употребен – дали како ист производ, дали како нов, и политика на zero waste (нула отпад). Односно, на депониите да заврши само она што не може да се рециклира, она што не може да се компостира или она што не може да биде енергија за отпад. И една од главните теми на денешниот собир ќе биде и тоа, значи отпадот како енергија, отпадот како извор на енергија, како ресурс за енергија – нагласи Матески
Тој не можеше да каже конкретни бројки каков отпад се создава во земјава, но истакна дека најслаби сме во делот на комунален отпад.
– Значи, она што се случува со индустријата, во голема мера тие текови на отпад, индустриски отпад, се решаваат. Исто така, она што го имаме како комерцијала и како трговија, традиционални системи на, да речеме, отпад од пакување, прилично добро функционираат. Најслаби сме во отпадот од граѓаните, од комуналниот отпад. Тука, секако, капацитетите на јавните комунални претпријатија мора да се подигнат, меѓутоа, да се подигнат примарно во оперативниот дел. Тука сме многу лоши. Недостигаат луѓе, знаење и оперативна техника. Така што, ако би кажал што мора да ни биде приоритет, на државно ниво и на регионално ниво тоа е отворање на центрите, а на локално ниво, во самоуправите, подигање на оперативните капацитети на комуналните претпријатија и во сегмент вклучување на приватниот сектор исто во делот на собирањето – нагласи Матески.
Тој потсети дека постои систем на селекција на отпад во земјава, и законски и во практика.
– Лошо е што не е доволно развиен. Ако погледнете во Скопје, имаме, нели, ѕвона за стакло, имаме ѕвона за пластика. Е сега, прашањето е колку издвојуваат граѓаните, нели, колку сортираме, колку рециклираме во волумен, колку не. Така што, имаме многу простор за унапредување.
Во рамките на дискусијата се отворија прашања поврзани со воспоставување регионален систем за управување со отпад, европските практики и искуства, како и можностите и предизвиците за развој на циркуларната економија во земјата и во регионот.
(С. Бл.)












