– Особено загрижувачки се и некои од кулите во Градски ѕид, каде што фасадите се изведени со ситни керамички плочки. Со текот на времето, се одлепуваат таквите плочки поради стареење на лепилото, влага, мраз, температурни промени и вибрации. Иако изгледа мала и безначајна, кога ќе падне од висина од десет или повеќе ката, една плочка може сериозно да повреди човек. Искрено, чудно е што досега немало потежок инцидент – предупредува Михаил Гаревски, директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.
Тој смета дека е потребно системско решение, односно општините, управителите на згради и заедниците на станари треба да направат регистар на ризични фасади кај високите станбени згради. Претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски, потенцира дека фасадата е заеднички дел од зградата и за нејзиното одржување се одговорни сопствениците на становите преку заедницата на сопственици и управителот. Заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, информираше дека градежна инспекција веднаш го обезбедила просторот и тој се расчистува
Инцидентот со одронувањето на масивен дел од фасада од десеткатница на улицата „Јуриј Гагарин“, број 33, во Карпош, кој се случи завчера, поради што беа оштетени три возила, не смее да се третира како обичен градежен дефект или како изолиран случај. Кога се одлепува толку голем фасаден сегмент од висока станбена зграда и паѓа врз паркирани возила, тоа претставува сериозен ризик за животот и за безбедноста на граѓаните, смета Михаил Гаревски, директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.
Според него, од фотографијата јасно се гледа дека станува збор за голема површина на фасаден систем што се одвоила речиси како цела плоча.
– Тоа укажува дека проблемот, најверојатно, не е само локален туку може да биде поврзан и со неквалитетна изведба, недоволно прицврстување, несоодветна подготовка на подлогата, стареење на материјалите, продор на влага, температурни деформации или комбинација од повеќе фактори. Особено загрижува фактот што, според изјавите на станарите, сличен инцидент се случил и претходно. Тоа значи дека објектот веќе дал предупредување, но очигледно не бил преземен доволно сериозен и стручен зафат – нагласува тој.
Притоа, додава дека овој случај треба веднаш да биде повод за вонреден стручен увид на целата фасада, а не само за отстранување на паднатите делови.
– Потребно е да се провери дали се одлепени и други делови од фасадата, дали постојат шуплини зад изолацијата или облогата, дали се правилно поставени типлите и лепилото, дали има влага во фасадниот систем и дали постои опасност од нови одрони. Додека не се изврши ваква проверка, просторот околу зградата мора да биде физички обезбеден и да не се дозволува паркирање или движење на пешаци во опасната зона – дециден е Гаревски.
Тој укажува дека ова не е проблем само на една зграда и оти во Скопје има голем број постари високи станбени објекти кај кои фасадите се во ризична состојба.
– Особено загрижувачки се и некои од кулите во Градски ѕид, каде што фасадите се изведени со ситни керамички плочки. Со текот на времето, се одлепуваат таквите плочки поради стареење на лепилото, влага, мраз, температурни промени и вибрации. Иако изгледа мала и безначајна, кога ќе падне од висина од десет или повеќе ката, една плочка може сериозно да повреди човек. Искрено, чудно е што досега немало потежок инцидент – предупредува Гаревски.
Тој смета дека е потребно системско решение, односно општините, управителите на зградите и заедниците на станари треба да направат регистар на ризични фасади кај високите станбени згради.
– За секоја зграда треба да се изработи стручен извештај за состојбата на фасадата, со визуелен преглед, проверка на одлепените делови, евентуално снимање со дрон, термографија и локални испитувања на носивоста на прицврстувањето. Таму каде што ќе се утврди ризик, мора веднаш да се постават заштитни скелиња, мрежи или физички бариери, а потоа да се пристапи кон целосна санација – објаснува Гаревски.
Посочува дека санацијата не смее да се сведува на козметичко крпење, односно, како што наведува, кај ваквите случаи мора да се отстранат сите нестабилни делови до здрава подлога и да се изведе нов фасаден систем според проект, со правилно лепење, механичко прицврстување, обработка на рабовите, аглите и отворите, како и контрола на квалитетот при изведбата. Додека, пак, кај фасадите со керамички плочки треба да се провери целата облога, а не само местата каде што веќе се гледа оштетување.
– Најважно е да се разбере дека фасадата не е само естетски елемент на зградата. Таа е дел од безбедноста на објектот и јавниот простор околу него. Ако денес паднала врз автомобил, утре може да падне врз дете, пешак или станар што влегува во зградата. Затоа реакцијата мора да биде стручна, брза и превентивна пред ваквите случаи да завршат со човечки жртви – заклучи Гаревски.
Претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски, потенцира дека фасадата е заеднички дел од зградата и за нејзиното одржување се одговорни сопствениците на становите преку заедницата на сопственици и управителот.
– Во случај на паднат дел од фасада и настаната штета, се утврдува дали зградата била соодветно одржувана и, секако, сопствениците преку заедницата на сопственици или управителот треба да ја санираат фасадата. Треба да се утврди и фактичката состојба од надлежните институции за настанатата штета – укажува Затуроски.
Тој нагласува дека управителот има улога да соработува со надлежните инспекции, да обезбеди документација за зградата и да постапи по наложените мерки при инспекциски надзор.
– Тој е должен да ги организира и спроведе активностите за одржување на заедничките делови, а ако има утврдени недостатоци, да преземе мерки за нивно отстранување. Во ваков случај, управителот треба да ја покаже состојбата на фасадата, да достави информации за извршените санации, договорите и одлуките на заедницата на сопственици, како и да постапи по секое решение на инспекцијата – тврди Затуроски.
Заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, вели дека фасадата на зградата чиј дел се одрони била правена пред повеќе од 10 години.
Тој информираше дека градежна инспекција веднаш го обезбедила просторот и тој се расчистува.
Крстевски вели дека фасадата е заедничка сопственост на станарите и тие треба да се грижат за неа.
– Неколку пати им било посочено да ја поправат, но не го направиле тоа – дециден е Крстевски.
Тој објасни дека во Програмата на Општина Карпош има предвидено средства за санација на фасадите на одредени згради.
– Повикот во моментов се изработува. Станарите аплицираат, тие си го изработуваат проектот и си го избираат изведувачот, додека Општината дава само субвенции – појасни Крстевски.
И тој го впери прстот кон станарите, потенцирајќи дека тие се сопственици и тие треба да ги почитуваат законските обврски.
Фасадата на истата зграда се одлепила и лани на 9 јули. Пред шест години, на таа улица, на само неколку стотини метри подалеку, одрон од десеткатница завршил врз автомобилот на актерот Васко Тодоров, попознат како Тошо Малерот од „К-15“.
(А. П.) Фото:(Ѕ.П.)












