Значаен чин во меѓусебните релации на МПЦ-ОА и на Вселенската патријаршија се случува вечерва откако за првпат еден македонски архиереј сослужува на бгогослужбата во еден од манастирите на Света Гора. Епископот Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, Партениј. Епископот Партениј вечерва служи на празничното сеноќно бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Литургија во Кутлумушкиот скит на свети Пантелејмон во Кареја, по повод празникот на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон. Епископот Партениј, заедно со дел од Бигорското монашко братство е во посета на светогорските манастири кои што се наоѓаат под директна јурисдикција на вселенскиот патријарих Вартоломеј. Ова е за првпат архијереј на МПЦ-ОА да сослужува во светогорска обител во новите црковни околности создадени по 2022 година кога Вселенската патријаршија го призна канонскиот стаус на македонската црква по 55-годишното неприфаќање од страна на Српската православна црква.
Патувањето на Партениј и дел од монасите од Бигорски на Света Гора е со благослов на надлежниот митрополит, Дебарско-кичевскиот Георгиј и со благослов на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, под чија јурисдикција е Света Гора.
Од Бигорскиот манастир денеска соопштија дека ова е првото доаѓање на епископот Партнеиј Света Гора како епископ, но и прво богослужбено претстоење на Атон по цели триесет и шест години – од времето кога, како млад богослов и искушеник, извесен период живеел во свештената Обител Григоријат.
-Во нашето поклонение ни се придружи и Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, викарен епископ на Православната митрополија на Мексико, Централна Америка, Карипските Острови, Венецуела и Колумбија при Вселенската патријаршија, со кого нашиот Старец ќе сослужува на споменот на свети Пантелејмон – се вели во соопштението од Бигорски.
Престојот и сослужувањето на игуменот на Бигорскиот манастир, како и благословите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и на Дебарско-кичевскиот владика Георгиј, ја отвораат дилемата дали се случува значајно поместување на односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патриајршија? Познато е, тие односи не се прекинати но се во своевиден застој околу различните ставови околу издавањето на томосот за автокефалност кој МПЦ-ОА го очекува од Вселенската патријаршија. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан пред повеќе месеци изјави дека проблемот е во барањата на Вселенската патријаршија за наше откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина, а што е за нас неприфатливо. (Б.Ѓ.)












