среда, јуни 17, 2026
Дома МАГАЗИН Дорис Ди со песната „Земјо моја“ – И, Исмета Крвавац би била...

Дорис Ди со песната „Земјо моја“ – И, Исмета Крвавац би била искрено воодушевена – Гала-промоција со „сите нишани“   

192

И Исмета би била искрено воодушевена кога би ја слушнала Македонката Дорис Ди како добро ја пее песната со која оваа извонредна сараевска поп-пејачка се прослави во поранешна Југославија. Но, ќе има време и Исмета, која сè уште живее во Сараево, да ја слушне песната. И секако дека ќе посака да другарува со шармантната скопјанка, Дорис

Тоа што ни го вети, пејачката Дорис Ди и го направи. А, станува збор за промоцијата (која ја водеше новинарката Соња Алексовска-Неделковска), „со сите нишани“ на нејзината најнова песна „Земјо моја“. Промоција на која новинарите што ја следат македонската и светската музичка сцена дојдоа да ѝ укажат чест. Бевме во исчекување дека ќе слушнеме одлична песна и дека ќе видиме одличен спот. Токму тоа и се случи, очекувањата ни се реализираа денес (петок 17.04.) напладне, во Палата-Македонија (и, со гала-коктелот на терaсата).                                                  Новиот текст на македонски јазик го напиша добро познатиот Огнен Неделковски (…”Само тука мојта душа спие и со песни лечи страв и бол, срце рујно вино пие, земјо моја, земјо моја…“), аранжманот е на Николче Мицевски, а музиката е, што да се каже, на толку легендарниот и на многу генерации обожуваниот, Кемал Монтено. Само да потсетиме дека оваа песна, пред многу години, ја има испеано популарната Исмета Крвавац со сараевската група „Амбасадори“, која потоа стана југословенски мегахит. Сега, нашата атрактивна пејачка Дорис Ди си ја зеде за својата. Тоа значи дека ќе си ја пее на настапите, се разбира, како што е нагласено на промоцијата, со сите регулирани авторски прaва. Со оглед на тоа дека Монтено е одамна починат, законскиот наследник на правата е неговата сопруга, Бранка Монтено. Со неа, во Сараево, се сретна таткото на пејачката Дорис, каде што, на задоволство на сите, се потпишани документите со кои на Дорис ѝ е овозможено непречено да ја пее песната „Земјо моја“, од Кемал Монтено. И Дорис, на промоцијата, освен другото, истакна дека се пронајде во оваа прекрасна патриотска песна, и тоа во ова време-невреме, кога е можеби сосема необично пејачките од нејзината генерација да пеат вакви песни.         – Убавината е во тоа да бидеш поразличен од другите на естрадата, кога сите го презентираат некој друг музички правец, јас се одлучив за ваков поинаков тип музика. Повеќе е шлагерски, медитерански, географски простор на кој и самите ние му припаѓаме, а сè е сепак зачинето со модерни поп-звуци.

Најмногу по иницијатива на татко ми, но и мајка ми, кои уште на времето многу ја сакале оваа песна во интерпретацијата на Исмета Крвавац, раскажа љубезната Дорис Ди. Ние на ова би се надоврзеле со коментар дека и самата Исмета би била искрено воодушевена кога би ја слушнала Македонката Дорис Ди како ја пее песната со која извонредната сараевска поп-пејачка се прослави во поранешна Југославија. Но, има време песната да ја слушне и Исмета, која сè уште живее во Сараево. И која секако дека ќе посака да другарува со шармантната скопјанка Дорис. Да си ги разменат впечатоците.Сега ни останува искрено да уживаме во македонската верзија на „Земјо моја“. Огнен го погоди текстот тамам право во срцето, Николче аранжманот, а одлично е погоден и спотот, кој се снимаше на голем број локации ширум Македонија. Од Етносело, Старата скопска чаршија… до гробот на Гоце Делчев, во Охрид, Гостивар, манастирот „Свети Јован Бигорски“, на кејот на реката Вардар….

Дуле Миќиќ – фото:П. Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ