Чувари ќе патролираат на детските игралишта

53

Општина Центар за десетина дена ќе воведе чуварска служба. Иницијативата за формирање ваква служба беше на советникот од СДСМ, Ненад Матевски, и таа беше прифатена на последната седница на Советот на Општина Центар, која се одржа на 29 април 2025 година. Од Општина Центар велат дека започнале со изготвувањето на правилникот за работа, во кој ќе биде опфатена обуката на лицата што ќе бидат ангажирани во чуварската служба. Матевски додава дека оваа служба ќе ги опфати сите 18 урбани заедници на територијата на Општина Центар, во секоја по еден чувар и ќе биде мобилна за да обезбеди постојано присуство и надзор на целата територија на Општина Центар

 

Општина Центар ќе воведе чуварска служба. Иницијативата за формирање ваква служба беше на советникот од СДСМ, Ненад Матевски, и таа беше прифатена на последната седница на Советот на Општина Центар, која се одржа на 29 април 2025 година. Советникот Матевски информираше дека, како пилот-проект, оваа иницијатива треба да почне да функционира за десетина дена.

Од Општина Центар велат дека започнале со изготвувањето на правилникот за работа, во кој ќе биде опфатена обуката на лицата што ќе бидат ангажирани во чуварската служба.

– Службата ќе функционира во рамките на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Чуварската служба ќе биде надлежна за надзорот и заштитата на урбаната опрема, како што се детските игралишта и спортските реквизити, заштитата на зелените површини и на растителниот свет со цел превенција од нивно оштетување, како и информирање на надлежните служби за случаите на вандализам, загадување и несовесно користење на јавните површини. Оваа служба ќе има обврска веднаш да ги информира Инспекторатот на Општина Центар и МВР за сите дејства што го нарушуваат јавниот ред и мир – објаснуваат од Општина Центар.

Матевски додава дека оваа служба ќе ги опфати сите 18 урбани заедници на територијата на Општина Центар.

– Првично, во Капиштец, чуварската служба ќе има тројца вработени, а се планира потоа во секоја урбана заедница да има по еден чувар и тие особено ќе бидат активни во вечерните часови, кога најчесто се уништуваат урбаната опрема, реквизитите… итн. Ќе бидат приближно осумнаесет. Доколку има потреба, ќе бидат вработени нови, но тоа ќе биде минимален број, бидејќи чуварската служба ќе ја сочинуваат веќе вработените работници во ЈП ПОЦ – објасни Матевски.

Тој наведе дека ќе треба да се одржи координативен состанок на општинската администрација со претставниците на ЈП ПОЦ и на МВР за да се договорат деталите.

Вработените во чуварската служба ќе имаат посебни униформи и таа ќе биде мобилна за да обезбеди постојано присуство и надзор на целата територија на Општина Центар.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ