Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека акциите против дивите продавачи ќе продолжат и во наредниот период, не само кај Бит Пазар, туку и околу пазарите во другите скопски општини.
Тој порача дека продажбата на булеварите, пешачките и велосипедските патеки нема да се толерира и дека оние што ќе ги повторуваат прекршоците повторно ќе бидат казнувани.
– Од самиот почеток на мојот мандат, она што се трудиме да го направиме во главниот град е да создадеме ред. Ред недостасува. Има граѓани кои веднаш по една или две опомени знаат да изреагираат и да се повлечат од ваквите девијантни појави што ги прават – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот посочи и дека точно се знае каде може да се продава и оти улиците и патеките се наменети за пешаци и велосипедисти и не можат да се користат како продажни места.
– Се знае каде е местото каде што треба да се продава. Не може некој да продава среде булевар, на пешачка или на велосипедска патека – рече Ѓорѓиевски.
Акцијата на потегот од трговскиот центар „Мавровка“ до Бит Пазар беше спроведена во координација меѓу инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, комуналните инспектори на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи.
При контролата беа отстранети дивите тезги поставени долж булеварот „Крсте Петков-Мисирков“, а беа одземени околу 500 килограми храна, најголем дел земјоделски производи.
(А.П.)












