– Бубрежните заболувања претставуваат сериозен јавно-здравствен предизвик, како во светот така и кај нас. Се проценува дека околу 10 % од населението во Македонија има некаква форма на хронична бубрежна болест, што значи дека десетици илјади луѓе живеат со оваа состојба, често и без да бидат свесни за тоа. Со навремена превенција и со информираност, многу бубрежни заболувања може да се откријат рано и успешно да се контролираат – вели Димитар Клисаровски, генерален директор на „Дијаверум Македонија“

По повод Светскиот ден на бубрегот, кој годинава се одбележува под мотото „Се грижиме за луѓето, ја заштитуваме планетата“, разговараме со генералниот директор на „Дијаверум Македонија“, Димитар Клисаровски, за состојбата со бубрежните заболувања, предизвиците во грижата за пациентите и за инвестициите во развојот на современата бубрежна медицина.

Колку се распространети бубрежните заболувања?

– Бубрежните заболувања претставуваат сериозен јавно-здравствен предизвик, како во светот така и кај нас. Се проценува дека околу 10 % од населението во Македонија има некаква форма на хронична бубрежна болест, што значи дека десетици илјади луѓе живеат со оваа состојба, често и без да бидат свесни за тоа. Според достапните податоци, околу 1.600 пациенти во земјата се на хроничен дијализен третман. Најчести причини за хронична бубрежна болест се дијабетесот и хипертензијата, кои се водечки фактори на ризик за оштетување на бубрезите. Токму затоа раното откривање и контролата на овие заболувања се клучни за спречување на напредувањето на бубрежната болест.

Каква грижа им е потребна на пациентите што се на дијализа?

– За пациентите што се на дијализен третман, медицинската терапија е само еден дел од целокупната грижа. Во рамките на „Дијаверум“, нашата филозофија е дека секој човек заслужува исполнет живот, без оглед на хроничната болест со која живее. Затоа се стремиме да обезбедиме не само висококвалитетен дијализен третман туку и вистинска грижа, поддршка и доверба. Работиме со индивидуализиран пристап, бидејќи секој пациент има различни здравствени потреби, навики и животни предизвици. Во Македонија, нашите центри обезбедуваат дијализна грижа за повеќе од 700 пациенти, со тим од околу 250 здравствени работници во девет дијализни центри: Визбегово, Железара, Куманово, Крива Паланка, Штип, Кочани, Делчево, Струмица и Гевгелија.

Колку се важни превенцијата и едукацијата?

– Грижата за бубрежното здравје не се сведува само на еден ден во годината. Активностите што ги организираме се одвиваат континуирано во текот на целата година и опфаќаат скрининг-акции, мерење на крвниот притисок и на шеќерот во крвта, како и  едукативни настани во училиштата, во старечките домови, здруженијата на пензионери, воопшто соработка со локалните заедници. Соработуваме со релевантни здруженија на граѓани од сферата на заболувањето на бубрезите, дијабетесот и др. Особено внимание ѝ посветуваме и на здравствената писменост на дијализните пациенти. Нашите медицински тимови подготвуваат едукативни материјали за правилното внесување течности, принципите на исхрана, значењето на контролата на  фосфорот и на натриумот во исхраната, темите поврзани со негата на дијабетичното стапало и правилната грижа за васкуларниот пристап и уште многу други, со цел и пациентите и нивните семејства да бидат добро запознаени со сите предизвици на болеста.

Каква улога има дигитализацијата во современата дијализна медицина?

– Современата медицина не може без дигитални решенија. Затоа во нашите центри се користи Treatment Guideline System (TGS), систем преку кој таблетот е поврзан со дијализната машина и во реално време ги регистрира параметрите на третманот.

Сите податоци автоматски се внесуваат во медицинското досие на пациентот, што овозможува прецизно следење во реално време на сите параметри во текот на третманот. Целиот дигитален процес ни помага да го подобриме квалитетот на дијализата. Пациентите имаат пристап и до мобилната апликација d.CARE, преку која може да го следат својот дијализен третман, да добиваат потсетници и да ги споделуваат релевантните информации со други здравствени работници.

Во последните години, реализиравте значајни инвестиции во инфраструктурните капацитети. Што конкретно се реализираше?

– Во изминатите години, навистина вложивме значајни ресурси во подобрување на условите за лекување и грижа за пациентите. Реализиравме сериозно реновирање и модернизација на дијализните центри во Куманово, Кочани, Струмица, Визбегово – Скопје, со што значително се подобрија условите и за пациентите и за медицинскиот  персонал. Во следниот период, и центарот во Гевгелија ќе се пресели во сосема нов, современ дијализен простор, што ќе овозможи уште повисок стандард на грижа. Особено сме горди за проектот за васкуларен центар, кој очекуваме наскоро да започне со работа. Овој центар ќе овозможи значително побрз пристап до васкуларни интервенции за пациентите на дијализа, ќе го скрати времето на чекање и ќе помогне во намалувањето на компликациите поврзани со васкуларниот пристап, што е клучен предуслов за квалитетен и безбеден дијализен третман. Воедно, ќе придонесе и за растоварување на јавниот здравствен систем.

Очигледно е дека значително инвестирате и во медицински кадар. Колку се важни знаењето и континуираната едукација во дијализата?

– Во медицината, а особено во нефрологијата и дијализата, најголемата инвестиција секогаш е во луѓето. Затоа континуирано вложуваме во професионалниот развој на нашите лекари и медицински сестри. Во нашите центри имаме лекари што се на специјализација и супспецијализација, а медицинските тимови редовно учествуваат на меѓународни конгреси, научни состаноци и на професионална обука, каде што се следат најновите медицински достигнувања и стандарди во третманот на бубрежните заболувања. Нашата филозофија е дека високата технологија и модерните капацитети имаат вистинска вредност само кога се во рацете на стручен, посветен и добро обучен медицински тим.

Годинашното мото на Светскиот ден на бубрегот вклучува и грижа за планетата. Како го применувате тоа?

– Мотото „Се грижиме за луѓето, ја заштитуваме планетата“ е нешто што навистина го живееме. Освен грижата за пациентите, посветени сме и на одржливото работење и заштитата на животната средина. Во рамките на нашите ESG-заложби, поставивме соларни панели во поголемиот дел од дијализните центри. Со тоа значително го зголемивме уделот на електричната енергија од обновливи извори и придонесуваме за намалување на емисиите на штетни гасови. Според нашите пресметки, досега сме избегнале околу 370 тони CO₂емисии, што е еквивалент на садење речиси 380 дрвја.

Која е Вашата порака до граѓаните?

– Грижата за бубрезите започнува со едноставни чекори: редовни здравствени контроли, здрава исхрана, физичка активност и контрола на крвниот притисок и на шеќерот во крвта. Со навремена превенција и информираност, многу бубрежни заболувања може да се откријат рано и успешно да се контролираат. Нашата мисија останува иста: да им помогнеме на луѓето со бубрежна болест да живеат подолг и поквалитетен живот, со достоинство и вистинска грижа.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

ИЗДВОЕНИ