четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бесплатна евакуација од Блискиот Исток, приоритет имаат жените и децата

Бесплатна евакуација од Блискиот Исток, приоритет имаат жените и децата

1252

До крајот на неделава, дома ќе си дојдат сите пријавени Македонци од кризните подрачја 

Државата организира бесплатна евакуација на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток, а трошоците целосно се покриваат од буџетот. Приоритет при извлекувањето имаат жените, децата и лицата кои во регионот престојуваат туристички. Дел од граѓаните веќе се евакуирани од Израел и од Обединетите Арапски Емирати, додека се подготвуваат и дополнителни летови од други земји во регионот. На последниот лет од Дубаи, 14 лица кои претходно побарале евакуација не се појавиле на аеродромот, па биле повикани други граѓани за да се пополни капацитетот на авионот. Евакуацијата треба да заврши до крајот на неделата, информира министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски 

 

До крајот на неделава, се очекува да биде завршена евакуацијата на сите македонски државјани кои побарале извлекување од земјите на Блискиот Исток, при што трошоците за евакуација целосно ги покрива државата, затоа што државниот систем е создаден за во вакви кризни ситуации да им излезе во пресрет на граѓаните, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој посочи дека во извлекувањето од кризните подрачја приоритет им се дава на жените, децата, како и на лицата кои таму се нашле исклучиво туристички. Министерот рече дека Владата и дипломатско-конзуларните претставништва уште од првиот момент на ескалацијата на безбедносната криза воспоставиле кризен механизам и 24-часовна комуникација со граѓаните, со цел нивна безбедна, навремена и организирана евакуација. Муцунски информира дека дел од граѓаните веќе се вратени од Израел и Обединетите Арапски Емирати, додека во тек се подготовки за дополнителни летови и организиран транспорт на македонски државјани од Доха, Кувајт, Бахреин и Саудиска Арабија. Од Израел веќе се евакуирани сите лица кои изразиле подготвеност да ја напуштат државата по копнен пат. Пет лица биле евакуирани со владиниот авион преку Шарм ел-Шеик, додека за шест лица дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив и Каиро асистирале во организацијата на нивното враќање со комерцијални летови. Во однос на Обединетите Арапски Емирати, министерот соопшти дека веќе е реализиран лет со 151 патник, меѓу кои и странски државјани од повеќе земји.

– Во моментов, во оваа земја се евидентирани уште околу 430 македонски државјани, а во текот на оваа недела се планирани уште два лета, рече Муцунски.

14 лица кои барале помош не се појавиле на летот од Дубаи

Министерот се осврна и на логистичките тешкотии со кои се справуваат во организацијата, со оглед на тоа што 14 пријавени лица кои до последен момент барале евакуација не се појавиле на аеродромот, по што биле контактирани други граѓани за да се искористи целосно капацитетот на летот. Тој упати апел до граѓаните што бараат евакуација навремено да комуницираат со дипломатско-конзуларните претставништва.

– Нашата цел е сите авиони да бидат максимално исполнети во својот капацитет. Вчера, на аеродромот во Дубаи, 14 лица кои до последен момент барале евакуација, одлучиле да не се појават. Затоа апелирам до нашите граѓани: сите што бараат евакуација, а кои досега не нè контактирале, во најбрз можен рок да ги контактираат нашите дипломатско-конзуларни претставништва, рече Муцунски.

Според информациите што ги сподели министерот, во Доха се евидентирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација, додека во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, а во Кралството Саудиска Арабија 5 лица. За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање, по што ќе следува директен лет кон Скопје.

Во врска со евакуацијата на македонскиот фудбалер Мартин Ашковски од Иран, министерот информира дека процесот бил особено комплексен во делот на преминувањето на границата со Турција.

– И најкомплексниот аспект на извлекувањето на господинот Ашковски беше моментот на премин на границата од иранска страна кон турска страна. По моите информации, таа постапка траела неколку часа, но нашата амбасада во Анкара успешно ја завршила задачата и тој безбедно преминал на територијата на Република Турција, истакна Муцунски.

Министерот порача и дел од медиумите да не шират непроверени информации за процесот на евакуација и безбедносните аспекти на кризата.

– Во вакви околности, точната и одговорната информација е клучна. Ширењето лажни вести создава непотребна паника, ја поткопува довербата во институциите кои ден и ноќ работат за безбедноста на граѓаните, а може да го наруши и меѓународниот углед на државата, рече Муцунски.

Трета комплексна операција за една година

Тој додаде дека во изминатите 12 месеци ова е трета комплексна операција од ваков обем.

– Во последните 12 месеци, ова е трета сложена операција од ваков обем, по трагедијата со пожарот во Кочани и првата ескалација на конфликтот Израел – Иран. Тоа уште еднаш ја потврдува подготвеноста и институционалниот капацитет на државата да реагира брзо, координирано и одговорно во кризни ситуации – нагласи министерот.

Шефот на македонската дипломатија повтори дека земјава недвосмислено ги осудува нападите врз своите партнери и ги повика сите страни на почитување на меѓународното право.

– Ќе продолжиме да постапуваме одговорно, транспарентно и координирано – сè додека и последниот македонски државјанин што побара помош не биде безбедно вратен дома, истакна Муцунски.

Во неделата вечерта, на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна првата група евакуирани македонски државјани од Дубаи со чартер-лет организиран од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во Скопје слетаа 151 патник, меѓу кои и неколку странски државјани од други земји. Евакуираните граѓани беа пречекани од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој истакна дека државата продолжува со координирани активности за враќање на сите македонски државјани што побарале помош за напуштање на регионот. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ