Претседателот на Унијата на француски и франкофонски аеродроми, Томас Жуан, денес изјави дека нема да има недостиг на керозин во текот на летниот период. Но, тој додаде дека секторот за воздушен транспорт се плаши од негативни последици на есен и повикува на укинување на тројното зголемување на даноците на авионските билети.
„Ќе го пребродиме летото, но секторот нема да излезе неповреден од оваа енергетска криза, која се чини дека е долгорочна. Целиот сектор ќе биде многу ослабен. Она што треба да се плашиме е дека ќе ги почувствуваме последиците на есен“, рече Жуан, пренесе „Ле Фигаро“.
Од авио-секторот потсетуваат дека на есен 2026 година ќе следи „втор бран откажувања“ поради тројното зголемување на даноците на авионските билети.
„Речиси милион седишта се намалени на нашите француски аеродроми поради овој данок. Се движиме кон кризна ситуација во која авиокомпаниите се ослабени и ќе бидат принудени да донесуваат многу тешки одлуки кога станува збор за француските аеродроми“, рече тој.
На вчерашниот состанок со француската влада, претставниците на воздухопловниот сектор побараа „укинување на тројното зголемување на TSBA“, или данокот на авионските билети, нагласи Жуан, додавајќи дека за владата „сега не е време да се дискутира за тоа“.
Иако заканата од недостиг на гориво се намалува, ситуацијата останува напната, што се одразува и на цените. Во последните месеци, авиокомпаниите значително ги зголемија цените на билетите, а овој тренд би можел да продолжи, објави весникот.
„Керозинот порано сочинуваше една четвртина од цената на билетот, денес може да достигне 40 проценти“, објасни Жуан.
Сепак, ова засега не ги одвраќа Французите да патуваат со авион, додаде тој.
Според него, увозот на гориво од САД и Западна Африка е зголемен во последните недели, и како резултат на тоа, целиот сектор очекува лето без недостиг.
Иако најлошото сценарио е избегнато, проблемите остануваат, првенствено поради наглото зголемување на цените на керозинот, овој дополнителен трошок на крајот го плаќа крајниот корисник, а цените би можеле дополнително да се зголемат.
Како што истакна Жуин, шпанската авиокомпанија Волотеа неодамна им наплати на патниците кои веќе купиле билети дополнителен износ, па затоа не може да се исклучи можноста и други компании да го следат примерот.
Од друга страна, некои авиокомпании може да претпочитаат да откажат поединечни летови ако не се доволно полни или повеќе не се профитабилни поради високите цени на керозинот.
Засега, овој број е ограничен и ситуацијата е под контрола, потврдува претседателот на Унијата на француски и франкофонски аеродроми.












