Најмалку 14 лица загинаа, а речиси 60 се повредени, меѓу кои и пет деца, во рускиот напад врз Киев и регионот во текот на ноќта, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.
Тој објави на Телеграм дека 28 лица, меѓу кои и две деца, се спасени од урнатините, објави Укринформ.
Клименко рече дека околу 30 станбени згради во Киев се значително оштетени во нападот и дека повеќе од 500 луѓе се привремено евакуирани додека не се расчистат урнатините.
Спасувачите денеска бараа преживеани во станбена зграда во Киев која беше погодена од руска ракета, откако Русија започна жесток напад со ракети и беспилотни летала врз украинскиот главен град во текот на ноќта. Бројот на жртви се искачи на девет по рускиот напад рано наутро во понеделник, изјави Тимур Ткаченко, воен началник на градот.
Ткаченко наведе на Телеграм дека бројот на жртви не е конечен бидејќи спасувачките операции сè уште се во тек. Експлозии одекнуваа низ градот додека нападот продолжи во раните утрински часови, а цивилите бараа засолниште на метро станиците.
Нападот беше извршен со комбинација од балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала. Нападот се случи само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди за уште еден голем руски напад врз градот.












