среда, јули 22, 2026
Дома СВЕТ На патот кон Месечината астронаутите во „Орион“ спијат висејќи како лилјаци, но...

На патот кон Месечината астронаутите во „Орион“ спијат висејќи како лилјаци, но велат, удобно им е

1105

Вселенското летало од мисијата „Артемис 2“, лансирано во четвртокот, ја напушти орбитата на Земјата и се упати кон другата страна на Месечината.

Мисијата „Артемис 2“ е првиот чекор во американската лунарна програма, чија цел е човечки екипаж да слета на површината на Месечината во 2028 година, како дел од планираната мисија „Артемис 4“. Вселенското летало „Орион“ ќе ги однесе астронаутите приближно на 406.000 километри од Земјата, што се очекува да биде најдалечното човечко патување досега. Претходниот рекорд – 330.000 километри, го држи екипажот на „Аполо 13“ во мисијата од 1970 година.

Петте минути и 55 секунди од работата на моторот, познато како транслунарна инјекција (ТЛИ), поминаа „беспрекорно“, рече Лори Глејз од Американската вселенска агенција (НАСА). Се очекува патувањето околу Месечината да трае приближно 10 дена, а досега, според НАСА, сè се одвива беспрекорно.

–Нашиот екипаж е здрав и нашето летало работи навистина добро, рече д-р Лори Глејз, претставник од НАСА, која го води развојот и работењето на програмата „Артемис“, нагласувајќи дека „Артемис 2“ е пробен лет и дека тимот сака да „научи што е можно повеќе“ за леталото, пренесе Би-би-си.

Четворицата астронаути сè уште немале можност да разговараат директно со своите семејства од вселената, но од НАСА велат дека наскоро ќе „најдат време“ да го сторат тоа. Менаџерот на вселенското летало, Хауард Ху, признава дека не спиел многу во последните 24 часа, но вели дека екипажот имал „совршено лансирање“ и додава дека нивните системи за одржување на животот работат „точно како што е предвидено“. Првиот проблем со кој се соочи екипажот беше затнатиот тоалет во леталото, но самопрогласената „вселенска водоинсталатерка“, Кристина Кох, го решила дефектот.

–Спиењето во вселената е „комично, но поудобно отколку што можеби мислите, вели командантот Рид Вајсман, додавајќи дека Кох спие „висејќи како лилјак“.

Гледајќи ја Земјата од илјадници милји оддалеченост, Вајсман вели дека можел да ја види „целата планета од Северниот до Јужниот Пол“, опишувајќи го како најимпресивниот момент што ги изненадил сите четворица. Инспириран од глетката, пилотот Виктор Гловер ги повикува Американците да се обединат зад мисијата, велејќи дека таа му дала на тимот нешто до кое „сите ќе се држиме до крајот на нашите животи“.

НАСА долго време нагласува дека нејзината програма „Артемис“ за истражување на Месечината е наменета да биде чекор кон испраќање астронаути на Марс. Враќањето на човекот на Месечината не е само симболичен чекор, туку важна подготовка за многу посложени мисии на Марс. Научниците и инженерите ги користат лунарните мисии како тест-полигон за технологии, процедури и човечка издржливост во услови на длабок вселенски простор. Месечината е идеална средина за тестирање опрема што подоцна ќе се користи на Марс. Тука се тестираат системи за поддршка на живот, комуникација, навигација и заштита од зрачење. Сè што функционира на Месечината може дополнително да се подобри пред да се користи на повеќегодишни мисии на Црвената Планета.

Престојот на астронаутите на Месечината помага да разбереме како реагира човечкото тело на продолжено изложување на помала гравитација и изолација. Ова знаење е клучно за планирање патување до Марс, кое може да трае со месеци или, дури, со години. Исто така, се развиваат методи за производство на храна, вода и кислород во вселената. Една од главните цели на лунарните мисии е да се научи како да се користат ресурсите достапни на самата Месечина. Ова вклучува вадење вода од мраз и производство на гориво од локални материјали. Овој пристап ја намалува потребата за транспорт од Земјата и ги прави мисиите до Марс поодржливи и поекономични.

Изградбата на бази на Месечината е првиот чекор кон создавање трајно човечко присуство надвор од Земјата. Овие бази можат да послужат како станици за снабдување, истражување и лансирање за идните мисии.

ИЗДВОЕНИ