АНРИ: „Тој човек е премногу добар“

79
EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Легендарниот француски напаѓач, Тиери Анри, изјави за SPORTbible дека најмногу сака да го гледа 17-годишниот Ламине Јамал, крилниот напаѓач на Барселона и Шпанија. Иако се уште е малолетен, крилниот напаѓач минатата сезона се проби меѓу најголемите фудбалски ѕвезди со одиграни 50 натпревари на кои постигна седум гола и запиша седум асистенции.

На ЕП 2024 освои злато со Шпанија, имаше еден гол и четири асистенции и беше прогласен за најдобар млад играч на турнирот. Во тековната сезона игра уште подобро, па под водство на Ханси Флик има 19 гола и 24 асистенции на 49 настапи.

„Ќе ви кажам зошто најмногу уживам да го гледам Јамал. Причината не е она што мислите дека ќе го кажам“, одговори Анри, кој како напаѓач во својата блескава кариера беше светски и европски шампион, освои трофеи со Барселона, Арсенал и Монако и четири пати беше најдобар стрелец во Премиер лигата. Денес работи како тренер и стручен коментатор.

Анри беше импресиониран од моментот од полуфиналето на ЕП, во кое Шпанија ја совлада Франција со 2:1. Рандал Коло Муани го постигна водечкиот гол за Французите, а Шпанија направи пресврт со погодоците на Јамал и Дани Олмо.

„Се работи за зрелоста на Јамал. Ќе објаснам. Шпанија води со 2:1 против Франција во полуфиналето на ЕП. Унаи Симон му ја фрла топката и тој ја решава со надворешната страна на копачката. Гледа нагоре и може да оди еден на еден против Тео Хернандез.

Млад е, постигна гол. Кој би рекол нешто ако ја земе топката и оди еден на еден? Беше околу 60. минута. Ја допре топката со надворешната страна на копачката, ја спушти, ја додаде назад и на сите им рече: „Смирете се“. Си помислив: „Веќе го правиш тоа на оваа возраст“. Размислете за тоа, тој момент во полуфиналето, кога постигна гол. Можеше да го понесе тој момент и никој ништо да не каже.

Можеше да оди еден на еден, но ја зеде топката и додаде назад. Се сеќавам дека мислев: „Овој човек е премногу добар. Тој игра на сосема поинакво ниво.’ Разберете за кое ниво зборувам. Финти, дриблинг низ нозете – да, тоа го прави цело време. Но, тој да размислува за тоа во игра од тој калибар е нешто посебно“, смета Анри.

ИЗДВОЕНИ