„Руските напади врз украинските градови мора веднаш да престанат“, изјави денеска портпаролот на американскиот Стејт департмент, осудувајќи го еден од најголемите руски воздушни напади врз Киев.
„Ги видовме овие извештаи и внимателно ја следиме ситуацијата, вклучително и нападите што ја погодија породилната болница во Одеса. Руските напади врз украинските градови мора веднаш да престанат. Ги осудуваме овие напади и изразуваме длабоко сочувство до жртвите и семејствата на сите погодени“, рече портпаролот.
Нови масовни руски воздушни напади во текот на ноќта беа насочени кон украинските градови Киев и Одеса, при што загина едно лице, а беше погодена и породилна болница, соопштија локалните власти.
Во Одеса, 59-годишен маж загина, а најмалку четворица се повредени во напади на станбени згради во центарот на градот.
Во Киев четири лица беа повредени во воздушен напад кој градоначалникот Виталиј Кличко исто така го опиша како „масовен“, а неколку згради беа опожарени.