Македонскиот боксер Ален Рустемовски, се закити со бронзен медал на Европското првенствово Софија, со што испиша значајна страница во историјата на македонскиот бокс и по две децении донесе европско одличје за нашата држава.
Во исклучително возбудлив полуфинален дуел во категоријата до 60 килограми, македонскиот репрезентативец претрпе пораз од украинскиот боксер Ајдер Абдурајмов. Патникот во големото финале беше решен по судиска одлука, при што арбитрите со резултат 4:1 пресудија во корист на противникот од Украина, ставајќи крај на шампионските амбиции на нашиот борец.
Рустемовски со ова го повтори успехот од неодамнешните Медитерански игри во Таранто, каде што исто така освои бронзен медал.
Сепак ова не трба да претставува само спортска вест. Ова е суров, емотивен и инспиративен триумф на чистиот човечки карактер против сите препреки на системот. Вистинската тежина на овој медал не се мери во рунди, туку во години поминати во апсолутна спортска осаменост – тренирање двапати дневно без услови, одење на меѓународни кампови без буџет и појавување на големи натпревари целосно сам, без тренер во аголот. Токму затоа, неговите зборови одекнуваат посилно од кој било удар во рингот. Прочитајте ја неговата интегрална и автентична порака во целост:

„Пред сè, сакам од срце да им се заблагодарам на сите мои блиски луѓе кои беа тука за мене, ме поддржуваа и веруваа во мене и кога не беше лесно.
Го завршив мојот настап на ова Европско првенство со бронзен медал, остварив три победи во три исклучително тешки мечеви против некои од најдобрите боксери. Во последните два меча пред полуфиналето ги победив и двајцата фаворити, а во полуфиналето загубив на поени 4:1 од Украинецот Ајдер Абдурајмов и морав да се задоволам со бронза, но за мене овој медал вреди многу повеќе од бронза. Целиот мој живот се борев за овој момент. Освојување сениорски европски медал ми беше еден од моите најголеми соништа, заедно со сонот еден ден да освојам медал и на Светско првенство и на Олимпијада.
Зад овој медал стојат многу години на труд, жртви и препреки. Голем дел од мојата кариера го поминав сам. Тренирав два пати дневно, одев на кампови и подготовки без тренер, ми се случило и на турнири и натпревари да одам сам без тренер. И покрај ограничената финансиска поддршка и сите препреки кои ги имав, никогаш не се откажав.
Желбата за успех ми беше преголема. Знаев дека еден ден ќе успеам. И денес можам да кажам дека ова е само почеток. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми работи. Мојот сон останува ист – Олимпијада, олимписки медал и еден ден да освојам сè што може да се освои.Посебно сум горд што по 20 години успеав да донесам европски медал во бокс за Македонија. Овој медал не е само мој. Тој е на сите кои веруваа во мене, ме поддржуваа и беа дел од мојот пат.
Фала ви на сите за преубавите честитки, пораки и поддршка. Ви благодарам што бевте со мене во секој момент. Се гледаме на некое следно големо натпреварување. Ова е само почеток. “, напиша на својот Фејсбѕк профил Рустемовски












