Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека компромис со политичките противници во врска со Уставниот суд не е можен, нагласувајќи дека „викањето, лагите и тепачките не можат да бидат извор на правото во Полска“.
Во обраќањето до нацијата, Туск ги осуди вчерашните инциденти пред зградата на Уставниот суд, истакнувајќи дека „легално избрани членови на Уставниот суд биле нападнати“ додека полицијата ја обезбедувала зградата од напаѓачите, пренесува Polsatnews.
„Би сакал никогаш повеќе да не мораме да сведочиме на вакви сцени во Полска“, рече Туск, нагласувајќи дека мирот не може да се одржи преку попуштање пред беззаконието и насилството.
Тој истакна дека една демократска држава мора да биде силна и способна да го спроведува законот, додавајќи дека конфликтите во кои се вклучени политичари и активисти од опозициските партии „Право и правда“ (PiS) и „Конфедерација“ се тешки за разбирање.
Туск ја спореди ситуацијата со кражба на чанта од постара жена, тврдејќи дека би било апсурдно да се бара компромис помеѓу жртвата и крадецот преку делење на украдениот плен.
„Викањето, лагите и тепачките не можат да бидат извор на правото во Полска – и никогаш нема да бидат“, изјави полскиот премиер.
Тој нагласи дека демократијата е „најдобриот систем – но и најтешкиот за одржување – што човештвото некогаш го осмислило“, истакнувајќи дека владеењето на правото се разликува од „законот на џунглата“ по тоа што физичката сила и ароганцијата не одредуваат кој е во право.
„Во држава во која владее правото, судијата – дури и ако станува збор за жена со ситна градба – не се повлекува пред агресивен насилник“, рече Туск, осврнувајќи се на инцидентите што се случија синоќа пред Уставниот суд.
Туск обвини одредени полски организации и политичари дека се обидуваат да ги уништат демократијата и владеењето на правото, наведувајќи дека во овој судир тие имаат поддршка од проруски сили, како и од „армија руски ботови на интернет“.
„Уверен сум дека Уставниот суд ќе почне да функционира онака како што треба – независно, автономно и во согласност со Уставот“, рече Туск, додавајќи дека должност на извршната власт е да обезбеди сигурност и неопходни услови за работата на Судот.












