Почна проширувањето на патот меѓу населбите Баби и Стар Караорман, односно делницата што ги поврзува општините Штип и Карбинци.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека жителите што минуваат по овој пат со години бараат негово проширување, изградба на тротоари и поставување на улично осветлување, заради поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
– Имавме доста голем безбедносен ризик за сите учесници во сообраќајот и за пешаците, но и за управувачите на автомобили кои минуваат и возат во овој дел. И дополнително, она што го планираме како локална самоуправа е делумно проширување на патот, затоа што согласно со стандардите, овој патен правец има потреба од проширување за безбедно движење на автомобилите и користење на оваа сообраќајница – изјави Јорданов.
Тој посочи дека вкупниот финансиски износ, кој е обезбеден од парите на граѓаните, односно од буџетот на Општината, е 7 милиони денари. Проектот ќе се реализира во три фази.
– Најпрво ќе се полага кабел, односно електрика, подоцна ќе се третираат тротоарите, ќе се осветлува потегот, а на крајот, ќе се асфалтира она проширување кое е исто така предвидено на овој патен правец. Работиме етапно, нашата крајна цел е да обезбедиме соодветен сообраќај, со можност безбедно движење на пешаци и на автомобили на овој потег помеѓу населбите Баби и Караорман и соодветно поврзување помеѓу општина Карбинци и општина Штип – подвлече Јорданов.












