Мониторингот го вршат стручни тимови од УХМР и опфаќа теренски мерења, земање примероци од подземни и површински води и лабораториски анализи на водни тела од вкупно 170 локации. Тој се реализира според новата национална мониторинг- програма, која ги дефинира мерните места, параметрите и методологијата за следење на квалитетот и на количеството води. Директорот на УХМР, Игор Лазаровски, потенцира дека резултатите од овој мониторинг ќе покажат каква е состојбата на нашите води, кои се главните предизвици со кои се соочуваме и какви мерки се потребни за нивна заштита. Во исто време, резултатите од мониторингот ќе бидат една од основите при изработката на првиот план за управување со сливот на реката Вардар, стратешки документ што ќе ги дефинира идните политики и мерки за управување со водите, согласно со барањата на Рамковната директива за води на ЕУ. Се очекува надзорниот мониторинг целосно да заврши до крајот на годинава

 

Стручни тимови од Управата за хидрометеоролошки работи спроведуваат сеопфатен надзорен мониторинг на квалитетот и на квантитетот на водите во сливот на реката Вардар, најважниот воден ресурс, кој опфаќа над 80 отсто од сите водни тела во државава.

Мониторингот опфаќа теренски мерења, земање примероци од подземни и површински води и лабораториски анализи на водни тела од вкупно 170 локации. Тој се реализира според новата национална мониторинг-програма, која ги дефинира мерните места, параметрите и методологијата за следење на квалитетот и на количеството води.

– Програмата е изработена од швајцарската Програма за управување, користење и заштита на води, УХМР и од меѓународни експерти. Таа претставува дел од пошироката Стратегија за мониторинг на водите, изработена со поддршка на Програмата, чија цел е јакнење на институционалните и на техничките капацитети на УХМР за долгорочно спроведување и надзор на водите во државата. Станува збор за клучен чекор кон воспоставувањето модерен систем за управување со водните ресурси, заснован на научни податоци и во согласност со Законот за води и со Рамковната директива за води на Европската Унија – соопштија од УХМР.

Директорот на УХМР, Игор Лазаровски, потенцира дека квалитетниот и сеопфатен мониторинг на водите во државава е главен предуслов за ефикасно и одржливо управување со водните ресурси, чија вредност е непроценлива и за луѓето, и за земјоделството, и за економијата, и за целокупниот екосистем.

– Нашите тимови периодов работат на терен, каде што земаат примероци на вода од различни локации низ целата држава. Резултатите од овој мониторинг ќе покажат каква е состојбата на нашите води, кои се главните предизвици со кои се соочуваме и какви мерки се потребни за нивна заштита – истакна Лазаровски.

Надзорниот мониторинг, кој се очекува целосно да заврши до крајот на годинава, ќе се спроведе на вкупно 80 локации од кои ќе се земат примероци од површински води, како и со контрола на податоците на 90 мониторинг-станици за подземни води во сливот на реката Вардар. Со цел попрецизно и поефикасно спроведување на овие активности, Програмата за води ѝ донираше на УХМР 14 пиезометри, мерни инструменти што се клучни за мониторинг на подземните води.

Дополнително, капацитетите на УХМР за мониторинг и заштита на водните ресурси во државата се унапредени со донација на модерна лабораториска опрема и на две возила, во вкупна вредност од околу 250.000 швајцарски франци.

– Една од главните цели на Програмата за води е да ги унапреди капацитетите на клучните институции во државата што се грижат за заштита на водните ресурси, но и да придонесе за одржливо управување со водите, согласно со стандардите на Европската Унија. Имајќи ја предвид важноста на мониторингот на водите во сливот на Вардар, го поддржуваме овој процес со подобрување на техничките и на стручните капацитети на УХМР и со изработка на клучните стратешки документи за управување со водите – вели Јан Квиатковски, тим лидер на Програмата за води.

Од УХМР велат дека собраните информации ќе овозможат прецизна анализа на состојбата на водните ресурси, идентификување на проблематичните подрачја, како што се загадувањето или недостигот на вода, и подготовка на конкретни мерки за нивна заштита и одржливо користење. Во исто време, резултатите од мониторингот ќе бидат една од основите при изработката на првиот план за управување со сливот на реката Вардар, стратешки документ што ќе ги дефинира идните политики и мерки за управување со водите, согласно со барањата на Рамковната директива за води на ЕУ.

Спроведувањето на надзорниот мониторинг на водите во сливот на Вардар е овозможено со национално кофинансирање во износ од околу 440.000 швајцарски франци, обезбедено од Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Другиот дел од средствата е обезбеден од Швајцарија, преку Програмата за управување, користење и заштита на водите.

 

 

ИЗДВОЕНИ