Тешко дека не ги знаете овие македонски народни песни: „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Излегол Невен Пејо“, „Сестра моли брата за вечера“, „Судбо моја, судбино“, „Сношти појдов, мила мамо“, „Кој што ме чуе да пеам“, „И ние сме деца на мајката земја“, „Четворица комити“, „Кога падна на Пирина“, „Излегол Јане Сандански“, „Таму далеку на Балканот“, „Заплакало е Мариово“, „Не плачи, мајко, не жалај“, „Кога се мажеше, што ти се чинеше“, „Врати се, мило либе“ и, веројатно, најпознатата патриотска – „Земјо македонска, уважавам те“. А ги пее легендарната Васка Илиева. Таа само физички нè напушти во 2002 година, во родното Скопје, во 77. година од животот, заминувајќи во историјата, но оставајќи мошне богато културно, музичко и духовно наследство зад себе.
Македонија, завчера, со особена чест ја одбележа 24-годишнината од нејзината смрт. Славната тетка Васка Илиева, како што ја викаа нагалено, настапуваше секаде во светот. Беше музичка икона на македонската изворна народна песна. Во текот на богатата долгогодишна кариера, пееше и пред Тито, Черчил, оперската дива Марија Калас, но и пред британската кралица Елизабета.
Сепак, во приватниот живот воопшто не беше среќна. По породувањето, нејзиното дете почина. Тешко се справи со траумата, со болката, често знаеше да се исплаче во соба, да ѝ биде полесно на душичката. Дури со мислите веруваше дека е живо нејзиното дете некаде, бидејќи никогаш не ја информирале што се случило навистина и која е причината за смртта. Пред новинарите, не ја криеше таа огромна тага. Отворено зборуваше дека болката по нејзиното чедо ја лекува само со песна. Затоа и одлучи целосно да ѝ се посвети на музичката кариера.
Беше родена во скопската населба Чаир, во талентирано музичко семејство. Нејзиниот татко, Тодор Бошков Велков, бил познат гајдаџија. Почетоците на Васка Илиева се во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, во далечната 1950 година. Поради специфичноста, нејзиниот уникатен глас за брзо време стана популарен. Настапуваше на безброј концерти, не само во Македонија туку и во тогашна Југославија, а најчесто и во тогашната југословенска дијаспора, на сите континенти. И со браковите немаше среќа. Со сопругот Кице Илиев се разведе во своите четириесетти години. Потоа се омажи за Ристо Глоговац, кој беше воено лице. Но и бракот со него не траеше долго, па се разделија по неколку години. Инаку, по повод сто години од раѓањето на доајенот на македонската народна песна Васка Илиева, во Скопје во 2023 година беше оддржан голем концерт на кој настапија многу познати и слушани пејачи, како и ансамблот “Танец“. Во публиката беше присутна и нејзината внука Душка која потоа излезе на сцената, длабоко поклонувајќи ѝ се на Васка. А, за оние што и тоа ги интересира, на Фејсбук, “Македонска страница“, објавено е последното видео со Васка Илиева, неколку дена пред нејзината смрт. (Д. М.)