Со правење гримаси, обвинетиот Стојанче Јовановски ја слушна пресудата на судијата Ивица Стефановски во Кривичниот суд во Скопје – виновен е за сите три кривични дела кои довеле до смрт на Ивана Јовановска и на нивната 6-годишна ќерка, Катја. Обвинетиот доби максимална затворска казна од 12 години која произлезе од изречените – 5 за кривичното дело телесна повреда, 3 за загрозување на сигурноста и уште 5 за наведување и помагање во чинот на самоубиство.
„Случајот, освен што отвори широка јавна дебата за семејното насилство, влијаеше и врз свеста кај институциите и заедницата за превенција на жртвите“, кажа судијата Стефановски пред да го прогласи Стојанче за виновен.
Тој, пак, пред да ја слушне пресудата, опуштено се смееше од разговорот што го водеше со неговиот адвокат Митко Солаков, ги броеше камерите што го снимаа, ја вртеше кутијата од цигарите.
Судијата, пред да ја изрече затворската казна, кусо го прочита обвинението во кое се опишува како Јовановски пет години ја тепал, ја понижувал и ја малтретирал Ивана, дома, во семејниот стан, пред детето, и надвор, за што посведочија неколкумина.
По изрекувањето на пресудата, обвинителката Адела Бојчевиќ кажа дека е потребна анализа – дали не е потребна законска измена во која за наведување самоубиство ќе биде предвидена построга казна.
„Имаме пресуда и казна за наведување самоубиство. Ја имаме најтешката последица, а тоа е губење човечки живот. Ќе искоментирам дека казнената политика можеби не е во корелација и не соодветствува на најтешката последица што ја имаме во вакви случаи. Особено што првпат имаме случај на проширено самоубиство, а не само самоубиство. Сметам дека тоа би требало да биде предмет на една поопсежна анализа од страна на правните експерти и изготвувачите на законите, во насока на построга и подобрена казнена политика“, рече обвинителката.
Адвокатката Неда Чаловска, која ја застапува оштетената Љубица Стојановска, мајка на починатата Ивана, ја нагласи историската важност на пресудата како патоказ за понатамошното постапување на државните институции.
– Она што е многу значајно е што првпат имаме пресуда за наведување самоубиство поради семејно насилство и сметам дека тоа е голем чекор кој треба да се следи во иднина. Затоа што, во случаите на самоубиство, понатаму државните институции треба да истражуваат дали тоа било поради претходно семејно насилство, како што беше во овој случај.
Судот го прифати наодот од лекарското вештачење на Обвинителството дека мајката заедно со себе ја фрлила и ќерката од балконот, поради изобличената перцепција од траумата настаната како резултат на долгогодишното насилство од Стојанче.
– Ивана мислела дека Катја е заштитена ако е покрај неа. Била под траума и мислела дека детето е во опасност и дека ако ја земе со себе, ќе ја заштити. Овие состојби се појавуваат кај луѓе кои долго време се жртви на насилство. Вклучувањето на детето е психолошки колапс на жртвата, а не разумна одлука, кажа во завршниот збор обвинителката Адела Бојчевиќ.
Случајот што ја потресе јавноста се случи на 2 март, околу 14 часот. Брзо одекна веста дека мајка со дете се фрлила од балконот во скопско Тафталиџе како резултат на семејно насилство. Истрагата и судењето се одвиваа брзо. Во судницата се слушнаа вознемирувачки детали од преживувањето на жртвата. Сведочеа нејзината мајка Љубица, братот, соседи од зградата и очевидци на јавното тепање. Мајката на обвинетиот, Цветанка, која лично го пријавувала синот за обид за убиство на сопругата, не дојде да сведочи. Клучен беше сведокот Мартин Саздов, кој тој трагичен ден бил заедно со сопружниците, а во судницата кажа и дека многупати гледал како Стојанче ја тепа. Стојанче, пак, во текот на судењето се бранеше дека не ја тепал тој, туку Саздов.
– Никогаш немаше да ги оставам сами во нашиот стан, да не бев присилно изваден од станот од страна на Мартин Саздов. Оваа трагедија не е правно предизвикана од моја страна. Во мојата изјава прецизно кажав дека тие повреди се нанесени од Мартин Саздов кога ги прочита пораките меѓу мене и Ивана, кои Ивана ми ги пишуваше и уште се во мојот телефонски уред. Сè би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга, кажа обвинетиот во завршниот збор.
Но, доказите ја побија ваквата одбрана на обвинетиот Јовановски. Во судницата се слушаа десетината пријави до полицијата, а во еден од повиците се слушна и вознемирениот детски глас на Катја како вика „тато ќе ја убие мама“.
И на денот на несреќата, полицијата два пати била повикана од Ивана да ѝ помогне, но наместо заштита, ја испратиле со закана дека ако се јави уште еднаш, ќе одговара за лажно пријавување. Жената била тепана неколкупати пред да се самоубие, а повредите ѝ биле видливи на лицето, покажа обдукцијата.
Во случајот со Ивана има истрага за сериозни пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои биле вклучени во интервенции по пријави за семејно насилство. Друга предистрага, во скопското Обвинителство, пак, се води за (не)постапувањето на социјални работници од ЦСР, кои го воделе предметот на несреќната жена и ќерката.
(П. А.)












