Златна маска е дел од откритијата кои се пронајдени на новиот археолошки локалитет во село Волино?! Ова денеска го објави порталот Охрид 1, според чии сознанија археолозите пронашле и златници, ќуп и коски.

Како што неофицијално се дознава можно е да се работи за „цел град“ под земјата.

Она што исто така дознаваме е дека археолозите се на теренот, а областа која е приватен имот, е затворена за јавноста.

Од Музејот и Завод Охрид под чија надлежност се ископувањата, ни потврдија дека се работи за нови откритија кои утре ексклузивно ќе бидат објавени од страна на Министерот за култура и туризам од самото место.

Иако не сакаа да откријат за што точно се работи, сепак ни посочија дека презентацијата на се она што е пронајдено ќе биде утре во дирекцијата на Охридскиот музеј и Завод.

Златна маска и ракавица откриени при археолошки истражувања во Требеништа во 2002 година

Инаку, на 30 септември 2002 год., откриена беше гробница со седумдесеттина гробни прилози од разновиден материјал (керамика, килибар, стаклена паста, железо, бронза, сребро и злато), а меѓу нив најзначајни и најексклузивни се два: златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен. Ова е епохално откритие за македонската, балканската и европската археологија бидејќи фрла дополнителна научна светлина во разјаснувањето на надалеку прочуената некропола “Требеништа” која се наоѓа кај с. Горенци во близината на Охрид и каде што во првата половина на 20 век, во 1918 година и 1934 година се откриени, исто така, надалеку прочуените четири златни маски (денес две во Белград и две во Софија).

Временската припадност на оваа гробница и на сите наоди во неа е 5 век пр. н.е., и е најстаро погребување во рамките на лихнидската некропола.

 

 

ИЗДВОЕНИ