Сателитите на „Старлинк“, со кои управува компанијата „Спејс-икс“ (SpaceX) – во сопственост на милијардерот Илон Маск – обезбедуваат интернет со голема брзина, ресурс од кој во голема мера зависи современото војување. За Украина, оваа технологија е клучна за комуникација на бојното поле и за ефективно водење на војна со беспилотни летала (дронови).
Благодарение на „Старлинк“, украинските дронови можат да останат поврзани со своите оператори на поголеми растојанија отколку што дозволуваат конвенционалните радио-мрежи, а истовремено се помалку подложни на попречување на сигналот, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Сепак, во вторникот вечерта, „Старлинк“ ненадејно и неочекувано воведе ограничување на брзината за дроновите, ограничувајќи ја брзината со која тие можат да летаат додека одржуваат интернет-врска. Според еден висок украински функционер, ова попречило одредени „мисии“ на бојното поле и му отежнало на Киев да се брани од руските напади.
Ограничувањето на брзината – поставено на 100 милји на час (160 км/ч) – значело дека секој дрон што лета побрзо од тоа ќе ја изгуби врската, со што станува практично неупотреблив.
„’Старлинк’ ѝ овозможува на Украина да види што доаѓа и да ги заштити луѓето“, изјави Курт Вокер, поранешен амбасадор на САД во НАТО.
„Ако го прекинете тоа, ќе загинат повеќе луѓе, многу е цинична и бездушна одлуката да се ограничи таа можност на начинот на кој тоа беше направено.“
Врската беше повторно воспоставена до средата вечерта. Овој потег уште еднаш покажа какво значително влијание може да има „Старлинк“ врз конфликтот што трае уште од моментот кога Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Во моментов, системот се потпира на повеќе од 10.000 активни сателити, што го прави „Старлинк“ најголемата сателитска констелација во светот. Таа е во сопственост на компанијата на Илон Маск, „Спејс-икс“, и претставува најголем извор на приходи за фирмата.
Иако „Старлинк“ е наменет за цивилна употреба, „Старшилд“ (Starshield) е негова сестринска услуга со воени спецификации, дизајнирана да ги задоволи потребите на Пентагон. Starshield ја користи мрежата на Starlink, но нуди повисоко ниво на безбедност – вклучително и понапредна енкрипција – за да се осигура дека чувствителните информации можат да се пренесуваат без ризик од пресретнување.
Владата на САД ѝ даде дозвола на Украина да ги користи и Starlink и Starshield во својата одбрана против Русија. Во февруари, Маск му го оневозможи пристапот на Москва до оваа услуга, со што му обезбеди предност на Киев во конфликтот.












