Таа солидарност живее во секоја подадена рака, во секој споделен оброк и во нашата подготвеност да застанеме покрај човекот кому му е потребна помош.
По повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заедно со Тони Станковски, претседател на ЗГ „Љубезност“, поделил повеќе од 400 оброци за граѓаните на кои им е потребна поддршка.
– Се приклучивме и на штандот на отец Оливер и однесовме храна на пунктовите на ХУ „Свети Спас“. Секој човек заслужува достоинство, почит и сигурност дека нема да остане сам во тешките моменти. Како градоначалник, моја обврска е да бидам покрај граѓаните, особено кога ги става животот пред најтешките искушенија – истакна Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека ќе продолжи да ги поддржува иницијативите што носат конкретна помош и да работи за Скопје во кое грижата за човекот е секојдневна должност, затоа што вистинската големина на еден град се гледа во грижата што ја покажува кон своите луѓе.
Во оваа акција се вклучи и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, која донираше прехранбени производи преку хуманитарната организација „Свети Спас“ од Драчево, наменети за семејствата на кои им е потребна поддршка.
– Благодарност до отец Оливер Петровски и до сите хумани луѓе што несебично се вложуваат за да им помогнат на оние на кои им е најтешко. Како Општина Кисела Вода, остануваме посветени на грижата за нашите сограѓани. Верувам дека секоја помош значи многу и заедно можеме да внесеме повеќе надеж и сигурност во домовите на семејствата на кои им е потребна поддршка. Хуманоста нема да ја покажуваме само на одредени денови туку секојпат кога има некој потреба од нас – истакна Стаменкоска-Трајкоска.
(А. П.)












